Информации

Уставен останува без судии - заврши мандатот и на судијките Старова и Габер-Дамјановска

објавено:


Вака изгледаше составот на Уставниот суд до петокот, а од денеска, со завршување на мандатот на судијките Наташа Габер дамјановска и Гзиме Старова, тој ќе работи со тројца судии помалку.

Претходно, мандатот му заврши и на судијата Исмаил Дардишта.

Наташа Габер Дамјановска и Гзиме старова за судии беа избрани на предлог на претседателот на државата, па и нивните наследници треба да се очекуваат од оваа институција, но поради локалните избори и очекуваната кохабитација, се поизвесно е дека судот нема да добие во скоро време судии, за кои не  ераспишан ни задолжителниот јавен оглас со кој почнува постапката.

Местото на Дардишта е празно од први август, а на Габер Дамјановска и Старова од 7 октомври.

 

Ако се следи парламентарната динамика, еден кандидат за судија кој е по предлог на Комисијата за избори и именувања може да се предложи и избере полесно, со внатрешен договор помеѓу СДСМ и ДУИ, наспроти двете места, за кои предлози треба да даде Ѓорѓе Иванов.

Професорките Гзиме Старова и наташа Габер Дамјановска, досегашните уставни судијки беа избрани на предлог на екс претседтелот Бранко Црвенковски во 2008 година, и тоа по неколку месеци одлагање, бидејќи опозицијата тогаш го бојкотираше парламентот, а Уставниот суд и тогаш работеше со тројца судии помалку.

Но, овој пат, не се во прашање само кадровските потенцијали кои би требало да ги заменат двете судијки кои уживаат углед и реноме, туку ќе значат и можност за нов (дис)баланс во Уставниот суд, кој до сега функционираше со мнозинство од 5 судии кои одлучуваат „едногласно“ отфрлајќи мноштво иницијативи за многу сериозни правни прашања.

Само судијката д-р Наташа Габер дамјановска ќе остане рекордер по бројот на издвоени мислења, кои се косат со ставот на мнозинството, одлуки кои беа објавувани и во Службен весник но и во посебно печатено издание.

Габер, Старова, Дарлишта и Сали Мурати беа четворицата судии кои имаа различни мислења од мнозинството што ги носеше одлуките во Уставниот суд, а што го доведе во прашање кредибилитетот и интегритетот на судот кој треба да биде чувар на уставните слободи и права и коректор на власта.

Доколку на предлог на претседателот се  изберат судии кои веднаш ќе му се прилепат на мнозинството, не може да стане збор дека може да се очекува правна сигурност од Уставниот суд.

Затоа, ќе биде многу важно кого ќе предложи претседателот и дали ќе оди на варијанта еден судија Македонец и еден Албанец. За избор на судија од заедниците потребен е Бадентер во собранието, па доколку тој не биде по волја на ДУИ јасно е дека не може да биде избран во парламентот.

Пратениците можат да ги одбијат предлозите на претседателот без образложенија и тоа повеќе пати, а таква ситуација имавме кога предлог за судија беше Трајко Вељаноски.

За да работи полновжно, Уставниот суд мора да има најмалку 6 судии, бројка која засега е фиксна, но не е малку да работи со една третина помалку.

Меѓу иницијативите кои судиите од Уставниот суд ги држат со години во фиока е и таа за судбината на СЈО, односно дали е уставно Специјалното јавно обвинителство.

Со завршување на функциите во  уставниот суд само професорката Гзиме Старова исполнува услови за пензија, додека Дарлишта и Габер имаат простор за натамошна работа. Габер Дамјановска е родена на денешен ден, 9-ти октомври. Мандатот на судиите на Уставниот суд е ограничен на 9 години, еден мандат без право на повторен избор.