Вести

Обвинителите од СЈО два и пол часа реферираа во Советот на јавни обвинители

објавено:


Два и пол часа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева заедно со обвинителите Фатиме Фетаи, Елизабета Миладиноска, Ленче Ристоска, Артан Ајро и Трајче Пеливанов му реферираа на членовите на Советот на јавни обвинители.

Не разговаравме конкретно за „Пуч“, туку за повеќе случаи кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство, изјави по состанокот обвинителката Катица Јанева.

Специјалната обвинителка не соопшти за кои други случаи се зборувало на состанокот, но рече дека Советот на јавни обвинители ќе излезе со соопштение. На работниот состанок присуствуваше и претставник на ОБСЕ во Македонија.

Состанокот беше затворен за јавноста, за како што рече претседтелот на Советот, Петар Аневски „непречена работа“.

Денешната средба доаѓа по минатонеделната средба на Јанева со членовите на Советот, на кој било договорено сите обвинители што работеле на предметот да бидат присутни на состанокот.

СЈО го повлече обвинението за „Пуч“, бидејќи паралелно работи на истрагата за нелегалното прислушување и уништување на опремата, опфатени во случајот „Тврдина“.

Во правна сила, според сите законски норми, за ист настан не може да има и правосилно обвинение и да се води истрага. 

В.М.