Интервју

Ленче Ристоска за австриски „Курир“: СЈО очекува да се продолжи рокот од 18 месеци за истраги

објавено:


Предвидените 18 месеци за завршување на истражните постапки и за покренување на обвиненија за случаите кои произлегуваат од незаконското прислушување нема да бидат доволни и Специјалното јавно обвинителство очекува Собранието да го продолжи тој рок, оценува обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска во интервју за австрискиот весник „Курир“.

lence ristoska

Таа вели дека работат под огромен притисок, а истовремено се соочуваат со блокади од локалноте судови и власти, кои одбиваат да соработуваат.

„Мораме да го смениме рокот. Само Собранието може да го продолжи овој период, но оттаму нема знаци за такво нешто. Само за да ги преслушаме 20.000 тонски записи врз чија основа истражуваме, ќе ни треба една и пол година. Работиме под огромен притисок на времето. Истовремено често не блокираат локалните судови и власти, одбиваат да споделуваат документи или воопшто не соработуваат“, вели Ристоска за австриски „Курир“.

Покрај интервјуто со Ристоска насловено „Фактот дека некој некогаш се осмелува“, австрискиот весник пренесува и репортажа под наслов „Македонските мускетарки“,  за работата на СЈО и неговото влијание во македонското општество  кое „во последните 10 години е во авторитарната прегратка на експремиерот Никола Груевски и неговата националистичка ВМРО-ДПМНЕ“.

Ристоска, во интервјуто вели дека нивната работа не е насочена кон одредно лице или партија, ниту пак дека ја заштитуваат опозацијата.

„Но, водиме истраги против одредени лица кои го прекршиле законот. Секој, кој го прекршил законот треба да одговара. Дури и ако тоа значи дека ќе го растресеме целиот политички систем“, вели обвинителката.

Таа во разговорот го коментира и значењето на фактот што три жени (Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска н.з.) ги водат истражните постапки за корупција.

„За општеството тука во Македонија, кое во најголем дел е водено од мажи, ова е првпат жените на овој начин да можат да се обраќаат до јавноста и да бидат присутни. Тоа е момент кој придвижува многумина“, вели Ристоска.

Весникот, меѓудругото, наведува дека „во меѓувреме се отворени седум случаи, а и самиот македонски моќник, експремиерот Груевски мораше да се појави пред суд“.

„Нечуено понижување за некогашниот шеф на владата, кој досега важеше за неприкосновен. Тој оттогаш ги прогласува трите обвинителки за ‘марионети на опозицијата’. Провладините медиуми ги напаѓаат уште поостро. Трите жени се навредуваат како ‘професионално неспособни’ и им се импутираат сексуални врски со различни опозициски политичари. Но меѓу македонските граѓани бестрашната истрајност на специјалните обвинителки донесе нов ентузијазам. Големи се надежите дека еден ден и политичарите ќе платат за своите криминални дела“, пишува австриски „Курир“, во текстот под наслов „Македонските мускетарки“.