Информации

„Странски служби“ со домашен предзнак следеле судии по амбасади и ги кодошеле кај претседателите

објавено:


Македонското судство се соочува со нов скандал, по оној минатонеделниот кога полицајци тајно ја снимаа судијката Гордана Спиревска која го води случајот против Закир Бектеши Чауш за аферата со лажните лични карти.

Сведок дознава дека судија од скопски суд бил сменет од позицијата откако „странски служби“ со домашен предзнак го известиле претседателот на судот дека е виден како влегува во резиденцијата на американски дипломат на Водно.

Доброинформирани судски извори потврдуваат дека судијата за кого стигнал алармот дека бил кај „американците“ веднаш бил повикан од претседателот кој го прашал што барал кај нив?

Истите извори, блиски до претседателот, за Сведок тврдат дека судијата му „вратил“ на претседателот дека и тој оди во Амбасади, и не гледа ништо лошо во тоа, бидејќи бил повикан за консултации за одреден проект, а САД преку разни фондови и агенции се најголеми поддржувачи на реформите во судството, организирајќи серија обуки.

Но, за претседателот на судот, одењето на судијата кај американците било сигнал дека тоа значи „влијание“ какви одлуки да се носат и веднаш го сменил судијата од еден во друг оддел.

Како што објаснуваат судски извори за Сведок, одењето на судијата можеле да го регистрираат само полициски служби и за нив е скандалозно што информацијата веднаш била пренесена до судот.

-Ова е доказ дека судот се служи со полициски методи, а тоа е т.н. информативен разговор, веднаш е повикан судијата да се изјасни зошто бил таму-тврди нашиот извор.

Но, не останало се само на смена на судијата од еден на друг оддел, туку за скандалот дека се „повикувале судии по амбасадаи за наводно да им се каже какви одлуки да се носат“ се огласи и владејачката партија ВМРО ДПМНЕ на прес конференција, на која ова го најави Антонијо Милошоски.

-Ако полицијата му јавила на Претседателот на судот дека одреден судија бил кај Американците, кој им јави на ВМРО ДПМНЕ за истото, па тие одржаа и прес конференција. Јасно е дека државата и партијата кај нас не се одвоени, но овој случај, колку и да личи дека е изолиран, покжаува дека сме полициска држава, во кое судството е само негова маша а не инструмент за контрола и заштита на слободите и правата - констатира нашиот извор од суд во Скопје каде што била направена смената.