Новинарски истражувања

Кои се судиите од скопска единица што судат организиран криминал

објавено:


Дружба која тешко се растура: Панчевски, Зврлевски, Неделкова, Јанкулоска...

Основниот суд скопје 1 вчера соопшти дека сите судии од одделот за организиран криминал учлествувале во Кривичните совети кои оцениле дека нема место за притвор против осомничените во „Титаник“ и ги одбиле жалбите на Специјалното јавно обвинителство.

Сега, кога сите судии се убедени дека за обвинетите нема потреба ни од мерка за обезбедување, логично е прашањето како ли ќе судат понатаму, дали истиот став ќе го имаат и кога ќе ги добијат актите и ќе одлучуваат по приговорите или пак намерно се впуштиле во одлучување, за понатаму да не судат, бидејќи одлучувале во претходна постапка?

Но, да видиме кој е судија на претходна постапка, а кои судечки што одлучувале во КС советите?

Во овој оддел, за судење на предмети од организиран криминал сега има 8 судии кои судат (4 совети по 2 судии) и тројца  судии на претходна постапка (поранешни истражни, кои сега одредуваат притвор, како и еден судија кој беше преместен во одделот за прекршоци, но има жалба и чека одлука.

Што покажуваат достапните податоци за судиите кои судат во одделот за организиран криминал и корупција? Ако ја погледнете судската веб страница, таму за секој судија ќе најдете само податок кога бил избран за судија и дека е распореден да суди организиран криминал. Други биографски податоци нема.

На судењата, каде што има интерес од јавноста, судиите го забрануваат фотографирањето, па оттаму речиси нема нивни фотографии во јавност.

За да ви претставиме кои се судиите што судат организиран криминaл, покрај во судските архиви, погледнавме и во анкетните листови што ги доставиле за нивната имотна состојба. Голем дел од нив пријавиле скромен личен имот, но навеле дека имаат богати брачни партнери.

Просечната старосна граница на десетте судии во одделот за организиран криминал е 50 години, а просечниот судиски стаж 13,5 години. Во просекот влегуваат и судијата кој е избран пред 30 години и последниот пред 6 години.

Да почнеме со најмладиот судија во одделот, со 38-годишниот Ивица Стефановски. За судија е избран пред  7,5  години, на 26 август 2008 година. Правен факултет завршил на 24 години, а правосудниот испит го положил на 26 години. Со одлука на Владата на Република Македонија, тогаш 29-годишниот Стефановски бил именуван за Државен правобранител за подрачјето на Велес и Неготино, а една година подоцна за судија во скопскиот суд.

Избран е за судија во време кога претседател на Врховниот суд е Јово Вангеловски. Сестрата на Стефановски работи како адвокат токму во канцеларијата на екс адвокатот Вангеловски и ги наследува неговите предмети откако тој е избран за судија во Врховниот суд.

Стефановски кратко време суди „обични“ кривични предмети, а по изборот на Лидија Неделкова за претседател на скопска единица, префрлен е на организиран криминал. Го судеше случајот „Монструм“, а затоа што не ја напишал пресудата во законски предвидениот рок, на барање на адвокатите, Судскиот совет отвори постапка за утврдување на неговата стручност, која подоцна беше запрена со гласање. Го судеше и предметот за Јован Вранишковски кој е укинат и вратен на повторно судење, како и предметот за „Ремонт на армиски хеликоптери“.

Судеше во совет со судијката Павлина Христовска, а по нејзиното пензионирање, со Љубинка Башеска. Откако на челната позиција во Кривичниот суд е Владимир Панчевски, ја извршува и функција заменик претседател на Основниот суд Скопје 1.

Во анкетниот лист, за својата имотна состојба пријавил дека во 2014 добил куќа на подарок, а вози „Тојота Аурис“. Има и кредит за враќање.

Најмлад судија според судискиот стаж во одделот за организиран криминал е 55-годишната Верка Петковска, која за судија била избрана пред 6,5 години. Петковска била стручен соработник во Апелацискиот суд во Скопје и работела на стопанска материја и стечај. По изборот, за прв пат е распоредена на кривично одделение, каде што судела изминатите 5 години.

Во организиран криминал е префрлена во текот на минатат година и суди во совет со судијата Горан Бошески. Беше член на Советот за оценка на актот во „Пуч“, кој дозволи предметот да биде испратен на судење, иако мерките за следење на комуникациите ги издал судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1, а не судија на Врховниот суд, како што предвидува законот. Немала поголеми судења за кои јавноста била заинтересирана. Последен предмет што го суди со повеќе обвинети е „Диво Насеље“.

Повисоките судови ѝ укинувале предмети поради повреди во процедурата и погрешна примена на материјалниот закон. Нејзиното префрлање на организиран криминал беше изненадување во судските кругови, бидејќи нема големо судиско искуство што е предуслов за работа со вакви сложени предмети. Во имотниот лист судијката Петковска пријавила стан во Скопје и „Пежо 107“ како личен имот, два стана и возила на сопругот, како и повеќе девизни средства на име на сопругот и децата.

Нов член во одделот од минатата година е и 54-годишната Љубинка Башеска. Дојде на местото на Павлина Христовска која замина во пензија. Судија е од 1996 година. Претходно работела како стручен соработник во Јавно обвинителство.

Од 1996 година била судија на скопска „двојка“, а по спојување на судовите во 2007 година во „единица“. Го судела случајот со трикратното убиство кај „Биг фиш“ во Аеродром, како и едно убиство во Кисела Вода, кое повисоките судови неколку пати го укинувале и враќале на повторно судење. Во судница често пати влегува во конфликт со адвокатите, но и со странките и сведоците. Знае да ги „искара“, бидејќи не ги разбирала што кажувале или што сакале да кажат.

Сега го суди предметот „Пуч“. На забелешките на адвокатите да даде повеќе време до следното судење, а не 7 септември, рече дека неа не ја интересираат политички договори, дека ќе суди, а ако не се појави четврто обвинетиот во овој случај, Зоран Заев, ќе нареди да биде приведен. Во имотниот лист има пријавено станови во Скопје и Охрид и куќа во Леуново. Вози „Шкода Фабиа“.

Судија во овој оддел е и 46-годишната Весна Димишкова. Судија е од декември 2004 година. Го судеше предметот со кокаинот откриен во канти со поликолор за кој беше обвинета Станислава Чочороска Полетан (каде што дозволи да се изведуваат докази на шпански јазик, спротивно на ЗКП).

Како втор член влезе во процесот со лекарите „Метастаза“, откако сегашниот претседтел на судот Владимир Панчевски, под чудни околности беше заменет од овој случај, а го судеше и предметот „Детонатор“. Поради закани што ги упатија обвинетите при објавувањето на пресудите за „Детонатор“, обвинителството покрена постапки против заканувачите. Во текот на целиот процес ја обезбедуваше полиција, а на обвинетите им порача да не ѝ праќаат пораки „дека ќе лета како гулаб, бидејќи ако таа летне, предметот ќе остане во судот и некој ќе продолжи да го суди“. Го судеше и предметот против Панде Лазаров, екс директор на ЕСМ, за поткуп од кинеска компанија за изградбата на „Козјак“.

По подолго отсуство од приватни причини, сега работи како судија на претходна постапка. Не одлучуваше за притворите во „Титаник“ како судија на претходна постапка. Како личен имот пријавила 3 стана во Скопје, возило „Хонда“ и два кредити од околу 50 илјади евра.

53-годишниот Горан Бошевски, судија од 1996 година, е исто така дел од додделот за судење на организиран криминал и корупција. Судеше во Совет со Весна Димишкова, а сега со Верка Петковска. Во скопска „двојка“ судеше кривични предмети, а по доаѓањето во Кривичниот суд го имаше еден од хашките предмети за судење, малтретирањето на градежните работници на Маврово.

Беше претседател на Советот што го оценуваше актот за „Пуч“, член на Советот во „Детонатор“. Пријавил дека вози „Југо корал“, а од личен имот има обврзници и денарски и девизни штедни влогови.

Од пред три и пол години на предмети од организиран криминал е и Диана Груевска Илиевска, 53 години, избрана за судија во 2006 година. Беше главен судија во „Ликвидација“, а како совет со Ѓоко Ристов се судечки судии и во „Шпион“. Дел од предметот „Ликвидација“ е укинат и е вратен на повторно судење.

Го пресуди случајот „Тенковски делови“ против екс премиерот Владо Бучковски во повторената постапка. За време на судењето, ќе остане запаметена нејзината изјава дека „мора да му верува на Трајко Вељановски“ кој испратил писмо дека посетата на Бучковски на Израел била приватна, а не службена, како што докажуваа адвокатите со докази.

Често влегува во вербален конфликт со адвокатите, а на судењето за Бучковски рече дека нема да им дозволи на адвокатите да ја „шетаат“ низ предметот, бидејќи, иако е судија само неколку години, долго време била стручен соработник во судот и ја знае постапката. Груевска е судијката која изминативе месеци јавно се жали дека најголем притисок чувствува од медиумите а не од политичарите. Во имотната состојба пријавила кредити од 13 илјади евра и заеднички имот, возило „Форд Фокус“ со нејзиниот сопруг, судски службеник во истиот суд.

Во совет со Диана Груевска е Ѓоко Ристов, 44-годишен, избран за судија во 2008 година. Претходно бил шеф на администрација и секретар на Основниот суд Скопје 2. Меѓу предметите што ги судел и се влечат со години е „Изгрев“, предмет кој го укинува Апелација по трет пат и наложи да продолжи да го суди нов судски совет.

Прв судија е во предметот „Шпион“, за кој напиша пресуда на 1.056 страници, во која се содржани многу докази и фотографии изведени на главен претрес, што досега не е случај во судската практика. Го судеше случајот „Метастаза“, а беше втор судија во „Пепел 1“ со сегашниот претседател Владимир Панчевски. Пријавил акции и штедни влогови на брачниот партнер. Свој имот не навел во анкетниот лист.

Со најдолг стаж како судија во овој оддел е Јани Нича, 57 години, кој е судија од 1985 година. Судел во скопска „двојка“, а по спојувањето на судот е во организиран криминал. Го водел и Советот во организиран криминал кој одлучува по жалби за притворот, а коавтор е на прирачник за (зло)употребата на мерката притвор, кој ако иманово издание треба да ја содржи целата пракса на овој суд, што е во целост спротивна на тоа што го пишува во прирачникот.

Во „наследство“ од неговата колешка Вангелина Маркудова со која судеше во совет, го доби предметот „Змиско око“, за обвинетите од патарините, а судеше предмети и со обвинети полицајци и граничари за примање поткуп, како и за криумчарење мигранти.

Од имот, пријавил стан во Скопје, куќа за одмор, ливади и пасишта во Бирино и околу 100 илјади евра орочени средства. Автомобилот што го вози е имот на сопругата.

Од поновите судии во овој оддел беше и Огнен Ставрев, 56- годишен, судија од 1999 година. Работел на кривично, па на прекршоци, а по заминувањето на Вангелина Маркудова за судија во Уставниот суд, префрлен е во овој оддел. Во совет беше со судијата Јани Нича и ги судеше предметите кои ги почнал овој совет. Беше член на Советот за оценка на обвинението за „Пуч“. Пријавил дека има „Даеву Тико“, додека другиот движен и недвижен имот што го има е на име на родителите или сопругата.

Сега Ставрев е во немилост на претседтелот Владимир Панчевски, па е префрлен во прекршоци. Негова „вина“ како што се тврди е пуштањето на Зоран Верушевски од притвор. Еднаш Врховниот суд му ја уважи жалбата и го врати на организиран криминал, но Панчевски не ја почитуваше одлуката и пак го прати во прекршоци. Судијата Ставрев повторно се жали, а на негово место е донесена судијкаа Сандра Крстиќ.

Предметите што ги има Ставрев, како тој за „Изгрев“ на пример, се одложуваат затоа што Крстиќ не може да преземе дејство додека трае жалбената постапка на Ставрев, кој фактички ги има предметите и не ги предава на новата судијка.

Крстиќ за судија беше избрана од стручен соработник во Апелациониот суд во Скопје.

Судија на претходна постапка во организиран криминал е Славица Андреевска, 56 години, избрана за судија во 2005 година. Во „редовната истрага“ ги имаше предметите за Рубинчо Заревски, „Пепел“, за охридскиот градоначалник и други. Со новиот закон, сега одлучува за притворите во организиран криминал, за обезбедување имот или блокирање сметки.

Андреевска и вториот судија на претходна постапка Јован Лазаревски ги работеа постапките за „Титаник“.

 Пријавила имот на родители, закуп од деловен имот како личен имот и обврзници од денационализација, возило и девизни заштеди од триесетина илјади евра.

Судија на претходна постапка е и Јован Лазаревски кој за неколку месеци заминува во пензија.

Според годишниот распоред за работа, Судскиот деловник и законот за судови, бројот на судиите во одделот за организиран криминал го определува претседателот на Основниот суд Скопје 1 со годишен распоред, а нормата за решени предмети на месечно ниво ја определува Судскиот совет.

Овие судии до сега, според годишните извештаи на Јавното обвинителство, не одбиле ниту едно барање за определување на притвор во предметите од организиран криминал и корупција.


објавено на од Sonja
Treba da se osnova specijalen sud, koj ke gi ispituva presudite na site sudii. Na sekoj koj donel nezakonska presuda, treba da mu bide odzemena titulata -sudija.
објавено на од aleksandar
... i pod celosna kontrola i poslusnost na vlasta.... site sudii do eden. Do gusa vo kriminal poradi nezekonito sudenje.