Вести

Дали СЈО го бара Пепиќ во Батинци? Да потсетиме кој беше Пепиќ во групата за Титаник

објавено: ажурирано: 08.03.2016 03:00:00


Кривичните совети од одделот за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1 и во одделот за кривично полнолетни денеска треба да донесат решенија по жалбите на Специјалното јавно обвинителство против одлуките на судиите на претходна постапка, да не им определат притвор на екс министрите и другите осомничени, опфатени со акцијата „Титаник“.

Едно од лицата кои се ппојавија во петокот во судот и на кои не им беше определен притвор, побарало да присуствува на седницата на Кривичниот совет, па поради ова барање, биле испратени покани и до другите осомничени и до СЈО, кои покрај формалните писмени жалби, можат и усно да образложат зошто сметаат дека на осомничените треба да им биде определен притвор најмногу поради опасноста од влијание врз сведоците.

Судси извори од Основниот суд Скопје 1, за „Сведок“ открија кои се лицата кои во петокот покрај екс министерот Миле Јанакиески „самоиницијативно“ се појавиле пред судиите, без да бидат повикани, дале исказ во присуство на нивните адвокати, а судот, кој го одби барањето за притвор  ги водеше под иницијалите М.П и К.М.

-Станува збор за Мунир Пепиќ, вработен во Полициската станица „Бе-ко“ и Коста Митровски претседателот на Општинската изборна комисија за Центар. Овие лица, заедно со Миле Јанакиески беа распрашувани во петокот во одделот за организиран криминал, а Едмонд Темелко беше во „кривично полнолетни“, - објасни за „Сведок“ извор од Кривичниот суд, близок до судиите на претходна постапка.

Според информациите на „Сведок“, Пепиќ е поврзан со издавањето на личните карти на жителите од Пустец, а Митровски ја раководел Општинската изборна комисија во Центар и двајцата се споменуваат во објавените „бомби“ како лица задолжени за личните карти и за уништување на избирачки материјал.

Според соопштението на Судот од 13-ти овој месец, Мунир Пепиќ, (М.П.) се сомничи дека сторил кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.2, и„ кривично дело повреда на избирачко право“, Едмонд Темелко, (Е.Т.) сторил кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.2, и кривично дело „повреда на избирачко право“ и кривично дело „поткуп при избори и гласање“, а Коста Митровски, (К.М.) едно кривично дело „уништување на изборен материјал“.

Мало пребарување по интернет просторот ќе ве доведе до фотографии и информации, на кои се гледа дека Пепиќ, кој бил вработен во Полициската станица „Бе-ко“ Скопје, е сликан со Никола Груевски, и со други лица во штабот на ВМРО ДПМНЕ и на маси во кафеана.

Неговото име го споменува и Миле Јанакиески во еден од разговорите, каде што го споменува како Пепиќ, а на прашањето „кој Пепиќ“, одговара: „оној Пепиќ што ни ги прави личните карти“.

Според тврдења на луѓе, името на Мунир Пепиќ се споменува во периодот на локалните избори во 2013 и парламентарните во 2014 година, кога бил дел од групата која одела во Пустец да ја одработи операцијата за гласање на овие жители во Македонија, преку издавње на лични карти на фиктивни адреси на живеење.

Според истите извори, Пепиќ, заедно со Јован Андоновски вработен во Владата, како и со лице со име Никола вработено во МНР и со извесен Харис Бајрами бил во Пустец во септември 2013 година, а една недела пред парламентарните избори 2014 година, повторно во присуство на уште две лица бил во Пустец, каде што се сретнал и со Едмонд Темелко. Во Пустец допатувал доцна навечер.

Другиот осомничен, кој самоиницијативно дошол во судот е Коста Митровски, Претседател на ОИК Центар, осомничен за уништување изборен материјал.

Една од објавените „бомби„ за Центар се однесува на земање на избирачки списоци од вреќите каде што се чува избирачкиот материјал. Во тој разговор на кој се слуша гласот на Сашо Мијалков, се објаснува како да се отвори вреќата, да се земе материјалот, а да не се оштети платичниот дел со кој е затворен материјалот.

 

 

Коста Митровски како Претседател на Комисијата во Центар останал до спроведување на референдумот за „Го сакам ГТЦ“. Тогаш ДИК оценила дека треба да го смени, бидејќи немал кредибилитет токму поради снимките на кои се слуша планот за одземање на избирачкиот материјал. Од него на интернет може да се најде едно интервју дадено за веме на изборитечк за „Цивил“.  

Бидејќи судот не им определи притвор како што бараше СЈО, против таквите решенија беше поднесена жалба уште во сабата навечер, во која се обжалуваат решенијата за Миле Јанакиески, Едмонд Темелко, Мунир Пепиќ и Коста Митровски. Еден од нив побарал да присуствува на седницата на Советот, па по солушувањето и новиот рок кој си го даде судот, а не спомнат нигде во законот, треба да биде донесена одлука.

Јанкулоска на излегување во судот по 8 часа поминати на распит. Фото: Слободен печат

Во понеделникот, дополнително пред судот се појави Гордана Јанкулоска која е осомничена дека сторила кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.1, „повреда на избирачкото право“ од чл.159 ст.2 в.в. со ст.1 в.в. со чл.45, како и Кирил Божиновски, генералниот секретар на Владата, осомничен за кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.1, „злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања“. За „злосторничко здружување“ од чл.394 ст.1, „поткуп при избори и гласање“ и „кривично дело уништување на изборен материјал“ е осомничен и Миле Јанакиески.

И жалбите за решенијата на Јанкулоска, Божиновски и другите осмничени треба да се разгледуваат од страна на Кривичните совети.

Да, потсетиме што напиша судот во соопштението за Пепиќ, Јанакиески и Митровски кои сами дојдоа во судот:

-Во однос на првиот предлог кој се однесува за осум лица за време на извршеното сослушување на доведеното лице Е.Т. во судот сами се појавиле и лицата М.Ј., М.П., и К.М., во присуство на нивните полномошници. При сослушување на сите присутни лица против кој е поднесен предлогот во присуство на нивните полномошници, а постапувајќи во смисла на чл.165 ст.1 од ЗКП кој наведува „ Ако постои основано сомнение дека определено лице сторило кривично дело, а доколку притворот е неопходен за водење на кривична постапка“, судија на претходна постапка ценејќи ги основите за притвор наведени во предлогот на обвнителството, за секој од наведените лица поединично, во рок од 6 часа по завршување на сослушувањето,  ги донесе следните решенија:

Во однос на лицето Е.Т. се одбива предлогот за притвор и му се определува превентивна мерка, јавување во Судот во Ресен еднаш неделно. Водејќи сметка да не се применува потешка мерка за обезбедување ако истата цел може да се постигне со друга мерка, дотолку повеќе на видливата здравствена состојба на лицето.

По однос на другите три лица одлуката на судија на претходна постапка е дека предлогот се одбива.  Причините за оваа одлука се наведени во образложението, за кој е дозволена рок за жалба во рок од 24 часа и со оглед на тоа дека не се правосилни не може дополнително да се коментира, а кога ќе бидат правосилни ќе бидат објавени на страната на судот.

Се работи за неправосилно одлуки и истовремено не е постапено во целост по предлогот, од тие причини ги замолуваме медиумките да не се лицитира со имиња на судиите бидејќи истото може да се смета како притисок врз судиите дотолку повеќе што се споменуваат имиња што не учествувале во постапката.

Одлуките на судот се јавни и по правосилноста ќе бидат јавно објавени - наведе Судот кој дополнително, спротивно на законот за кривична постапка, измисли дека рокот од 48 часа за одлучување по жалбите течел од комплетирање на предметот со сите жалби, а не од тоа кога се донесените поединечните решенија за секој осомничен, како што утврдува законот.

Ваквата одлука ја критикуваа многу правни експерти, а објаснувањето зошто е направено тоа, се бара во стравот на раководството на судот, да не се случи во таков случај да мора да одлучуват различни дежурни кривични совети, па некој да донесе одлука за евентуален притвор и со тоа да ја растури декларираната „независност“ на судиите и нивно самостојно одлучување.

Независно од одлуката на Кривичните совети која очекувано ќе биде потврдување на решенијата за неопределување притвор, истрагата за „Титаник“ продолжува со собирање докази од страна на СЈО. Ова обвинителство најави 10 постапки за изборни нерегуларности кои ќе бидат процесуирани во овој период.


објавено на од МИЛАН
Не е јасно (барем до сега) како сите овие осомничени знаеја дека треба да се јават во судот (сами???). Нели, наводно, не се повикувани од судот. Ако навистина не се повикувани од судот, како тогаш знаеја дека е поднесен предлог за определување на мерката притвор нив па за да не датат повод, демек, еве сами се јавуваат?
Што е однесува до благовременоста во одлучувањето на судот по жалбите против решенијата за притвор, треба да се вмеша и Судскиот Совет на РМ (ССРМ) има ли нестручност и не знаење или, уште полошо, некакво злонамерно кршење на Законот за кривичната постапка!
Но како и да е, одлуката на кривичните совети ја знаеме- многу е јасно каква ќе биде така што нема штета од доцнењето во одлучувањето: во крајна линија што се пар дена споредбено со вечноста, хе хе!