Информации

Анонимен судија од скопска апелација, Турчин по националност, ќе биде нов Уставен судија

објавено:


Поранешниот секретар на општината Центар Жупа, во која живеат претежно Турци, ќе биде нов судија на Уставниот суд, дознава СВЕДОК.

Иако до сега изборот требаше да биде направен и тие на 2 јуни да ја преземат функцијата, СДСМ ги крие кандидатите и нема постапка во Собранието кое треба да ги избере.

Судиите на Уставниот суд на кои сега им истекува мандатот, Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски, пред 9 години беа избрани во април, а стапија на функција на 1 јуни.

Но, сега, 3 дена преед изборот, три важни позиции во Уставниот суд се кријат и ќе се избираат шверцерски, во нетранспарентна постапка, чиниш бираат членови на маалско голубарско друштво, а не судии на Уставниот суд.

Но, гледано по биографиите на партиските кадри за судии и не е чудно што го кријат изборот, бидејќи станува збор за анонимни кадри, непознати во правната фела, а посебно во научната јавност на полето на уставно-правната наука или заштита на човековите слободи и права. СВЕДОК веќе објави дека секретарката на Собранието Цветанка Иваноова е сигурен кандидат за Уставен судија на предлог на Заев, како и неговата правна советничка Тања Чаларова Илиевска, анонимна адвокатка по потекло од Радовиш, без никаква научна титула или објавени било какви стручни трудови.

Третото име, кое фалеше во „тајниот тефтер на СДС“ е Фатмир Скендер, судија од скопска апелација, на која позиција бил избран од секретарска позиција на општина Центар Жупа. Тој ќе влезе во Уставен само затоа што е Турчин, место, кое малата турска партија, која се шлепа со СДС или ВМРО во власта, трет мандат по ред добива место во Уставниот суд, што значи 27 години ќе имаат Турчин судија, на штета на другите малцински заедници, како српската, влашката, ромската, бошњачката..

Извори за СВЕДОК тврдат дека за Турчин и во овој мандат, лобирал сегашниот Сали Мурати, кој како близок на турскиот претседтел Ердоган, неколку пати прошета дел од судиите на Уставен во Турција, а не се дели и од фотографијата на Ердоган.

Денеска, неколку пати го побаравме судијата на скопска апелација да прашаме, дали се чувствува подготвен и способен да прифати ваква позиција, но прво добивме информација дека суди, а подоцна не е тука, со дополнување дека вчера или денеска требало да се вакцинира. Оставивме порака и број, но не бевме контактирани од него.

На сајтот на судот ниту на интернет не може да се најде НИКАКВА фотографија од човекот кој се очекува да биде уставен судија, како што е случај и со советничката на Заев, Чачарова.

Вчера, Уставниот суд доби нова претседтелка, Добрила Кацарска, со чиј глас, самата си обезбеди претседтелска функција, што е класичен конфликт на интереси, но ниту ДКСК ниту било која друга институција не изреагира на ваквиот скандалозен избор.

Сали Мурати пак, денеска бил на проштална средба со Талат Џафери, кој му посакал добро здравје.