Информации

Очите на штедачите од Еуростандард вперени во последната седница на Уставниот суд во овој состав

објавено:


Очите на штедачите од Еуростандард Банка, вперени во последната седница на Уставниот суд во овој состав - сметаат дека мнозинството од 5 судии, кои ја поддржаа иницијативата, ќе гласаат и за укинување на членот од законот за банки.

Уставниот суд во вторник, на послдната седница на овој состав на судот, како единствена точка на дневен ред ја стави иницијативата за одлучување за уставноста на членот 163 од Законот за банки, што со нетрпение го очекуваат штедачите од Еуростандар банка.

Судот пред повеќе од месец дена, со мнозинство гласови поведе постапка за оспорената одредба, која го фаворизира Фондот за осигурување на штедните влогови и му дава првенство на наплата пред сите.

Судиите во вторник имаат простор да го укинат или поништат спорниот член 163, од што ќе зависи и еднаквоста на исплатата кон штедачите, без привилегија на Фондот, како и прашањето дали ќе остане исплатаа на штедните влогови само до 30.000 евра.

 

Станува збор за интересна правна ситуација, која се промени во последен момент, откако еден од судиите, Осман Кадриу, се премисли и реши да ја поддржи иницијативата, иако 2 недели претходно им се приклучи на мнозинството од 5 судии кои одлучија да ја отфрлат претходната иницијатива.

Но, во расправата судиите не останаа само на повластената позиција на Фондот, на кому му се дава првенство при наплатата на пари, туку отворија повеќе прашања, меѓу кои и одговорноста на државата и на Централната банка.

При исплата на парите на штедачите, никаде не се опфатени правните лица кои имале банкарски сметки во банката или лицата кои имаат трансакциски сметки.

Судијата Никола Ивановски, бара одговор каде е обврската на државата да гарантира стабилност на сопственоста на граѓаните, на кои им наметнала законска обврска целиот платен промет и трансакции да ги прават преку банките.

-Ако јас продадам нива, земјиште вредно 300, 500 илјади евра, и тие пари мора да поминат преку банка, а банката во тој момент пропадне, дали јас треба да останам без своите пари, без обештетување – вели Ивановски.

Судиите ја влечат оваа паралела и со граѓаните кои имаат трансакциски сметки и картички во таа банка и примаат плата, кои не се опфатени со обештетување (бидејќи не штедат) наспроти фаворизираната улога нна Фондот.

Според судиите, не се опфатени ниту правните лица, чии пари се на сметките .

-Ова решение е неуставно. Каде се правните лица, кои биле над 2.000 како коминтенти на банката? Ако сметате дека ова е уставно, јас ќе си ја скинам дипломата, им се обрати Ивановски на судиите Добрила Кацарска и Сали Мурати кои застапуваа друга теза.

-Сакам совеста да ми биде чиста, да ја нагласам улогата на НБРМ и тоа што не презела ништо, и ќе гласам за утврдување неуставност, рече на седницата Елена Гошева, кога и се поведе постапката.

Осман Кадриу смета дека оштетените не може да трпат штета, ако не придонеле да нстане истата.

Тој смета дека штедаќите неоправдано страдаат, а како пример ја наведе поранешната Љубљанска банка, во која и самиот бил штедач, и каде што државата ја презеде обврската за нивно обештетување.

Според Кадриу, со вакви решенија се повредува неприкосновеното право на сопственост.

Судиите го коментираа и членот 8 од Законот за Фондот, кој предвидува, ако му требаат средства, да позајми од Буџетот, наспроти стравувањето на претседателот на судот Сали Мурати, кој имаше небулозно тврдење, дека ако во целост биле исплатени штедачите на Еуростандард, ако утре пропаднела некоја друга банка, ќе немако од каде да се обештетат тие штедачи?!

-Ние велиме дека Фондот не може да има првенство за наплата, бидејќи тој еднаш зема пари, со процент од секоја трансакција – вели Ивановски.

Против барањата на штедачите беше новата уставна судијка, Добрила Кацарска, која смета дека секој бил свесен што гарантира Фондот, а тоа се до 30.000 евра од штедните влогови.

Таа ја спомена Хрватска во која пропаднале многу банки, а на тезата дека никаде не се заштитени правата на правните лица, коминтенти на банките, искоментира дека „за правните лица нема ништо во законот“.

Спред ваквите решенија, правни лица кои имаат платен промет со милиони преку било која банка, не можат да бараат ништо, зашто не се штедачи!

Мандатот на тројца уставни судии, Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски истекува на 1 јуни и ова ќе биде последна седница на која може да се одлучува по поведената постапка за оваа иницијатива, за која расправата е заклучена и сега ќе се носи одлука.

Според расположението на расправата, 5 судии беа за констатирање неуставност, двајца беа изричито против, еден отсутен и една не се изјасни, но на претходната иницијатива, тие четворица гласале против. Доколку не се одлучи од било кои причини во вторник (случајно некој да се разболи, да се успие, да му извршат притисок), со доаѓање на нови судии иницијативата треба да се пререфиерира што ќе оди на штета на граѓаните кои чекаат обештетување.