Новинарски истражувања

Сопруг на судијка од скопскиот граѓански суд барал стан од странка за да му се реши стечајот

објавено:


Сопруг на судијка од скопска двојка побарал стан како подарок од бизнисмен за да ја убеди неговата сопруга да донесе одлука во негова корист. Судија од Основниот суд во Охрид бил осуден на казна затвор затоа што побарал и примил мито за да реши предмет во корист на една од странките, а Судскиот совет кој знаел за случајот, одбил да го разреши цела година откако била донесена правосилна пресуда. Бил разрешен дури откако медиумите го откриле случајот.

 

Сопруг на судијка од скопска двојка побарал да добие стан како подарок од бизнисмен кој имал предмет за решавање кај неговата соруга, која, како стечаен судија отворила стечај.

 

Ова, во писмена изјава го тврди бизнисменот Сергеј Самсоненко, кој поради побараното  мито, од претседателот на Основниот суд Скопје 2, побарал изземање на стечајната судијка, но до тоа не дошло.

Сведок поседува документ, барање за изземање на судијката Ирена Антовска Петрушевска, упатено од Сергеј Самсоненко до Илир Сулејмани, претседател на судот, во кое барање објаснува дека при случајна средба во ресторан во Грција, сопругот на судијката, кумановчанецот Моме Петрушевски, побарал стан во зграда на Водно, како награда за тој да се ангажира да се реши неговиот предмет што бил распореден кај неговата сопруга, стечајна судијка во скопска двојка.

-Пред насловниот  суд  во тек е постапка  I СТ-28/19 против стечаен должник Друштво за производство, трговија и услуги СИС ИНВЕСТ ГРУП доо Скопје во стечај, каде со Решение СТ-28/19 од 16.09.2019 година усвоен е предлогот за отварање на стечајна постапка над должникот,а по предлог на предлагачот-доверител Трговско друштво за монтажа, инженеринг,трговија и угостителство Кратер дооел, увоз извоз Илинден.  Јас со ова барање изразувам сомневање во непристрасноста на судијата, во неговата негрижа за заштита на правата на должникот, за непреземање никакви дејствија да му укаже на стечајниот управник , кој е на предлог на предлагачот, до каде може да оди со неговите постапувања и неговите дејанија спротивни на сите законски прописи. Стечајниот судија и лично од мене беше известен дека се работи за организирана шема на отварање стечај за долг кој не постои, замолен да увиди на сите неправилности кои се случуваат, но ако се земе во предвид дека беше известувана за сите неправилности, повторно не беше преземено ништо- наведува бизнисменот во барањето за изземање до претседтелот на судот и го објаснува целиот случај, за на кај да каже и зошто конкретно се сомнева дека судијката нема да биде непристрасна во решавање на овој предмет.

-Моето сомневање во непристрасноста  произлегува и од еден настан кој се случи во Грција на тераса во Порто Карас. Јас бев на состанок за друга работа , но мојот пријател Лазе водеше разговор со еден човек на страна, за кој после разбрав од Лазе дека е сопругот на судијата Ирена, кој му побарал на Лазе да помогне за проблемот кој сум го имал кај неговата сопруга, а јас да сум му дал стан во комплексот каде тој живеел.Кога разбрал дека јас за сите неправилности сум ги известил и МВР и Владата веднаш заминал со сопругата- пишува Сергеј самсоненко во барањето.

Но, претседтелот на скопскиот граѓански суд го одбил барањето за изземање на судијката и одлучил таа и натаму да работи на случајот.

Сведок разговараше со претседателот на судот Илир Сулејмани, кој потврди дека го одбил барањето за изземање, но за тврдењео дека му бил побаран стан на бизнисменот, го известил Судскиот совет да го истражи случајот бидејќи станува збор за сериозни обвинувања.

-Го одбив барањето за изземање принципиелно, бидејќи во најголем број случаи странките тоа го бараат за да ја одолговлекуваат постапката. Но, за делот дека му било побарано мито, барањето, како претставка го препратив до Судскиот совет за тие да го испитаат случајот  - изјави претседтелот на скопскиот граѓански суд.

Сепак, на нашата забелешка дека станува збор за сериозно обвинување, Сулејмани, кој порано судеше заедно во стечајниот совет со судијката Ирена Антовска Петрушевска, рече:

-Ве охрабрувам да го истражувате овој случај. И секој во кој се пријавува корупција- вели Сулејмани.

Сведок разговараше и со судијката Ирена Антоска Петрушевска, на чија сметка е поднесено барањето за изземање поради пристрасност. На прашањето, дали е точно дека имало средба во Грција, како што наведува Самсоненко, Петрушевска вели:

-Ние бевме во ресторан во Грција и мојот сопруг разговарање со некое лице. Но, што и како разговарале, јас не знам ништо. Јас со никого не сум разговарала и не сум побарала ништо. Јас ова ќе го кажам и пред Судскиот совет ако побараат изјава од мене. Ќе им посочам да го повикаат и да разговараат со мојот сопруг, нека им каже тој дали барал нешто и од кого барал – изјави судијката Антоска Петрушевска за Сведок.

Постапката сега е пред Судскиот совет и истата е тајна во оваа фаза.

Засега, оваа претставка не е испратена кај јавен обвинител за проверка на вистинитоста и покренување на евентуална кривична постапка.

Додека Судскиот совет и Јавниот обвинител треба да го испитаа овој случај на барање поткуп, во Охрид обвинителството докажа случај на корупција кај судија кој за 10 илјади денари добиени од учесник во спорот донел пресуда во корист на една од странките.

Охридски судија е осуден на затворска казна затоа што примил поткуп од претставник на локално претпријатие за транспортни услуги, но нема да заврши во затвор, бидејќи неговата казна е условена.

За цело време додека се водела постапката против судијата кој работел во охридскиот суд, тој не бил суспендиран и продолжил да ја врши својата судиска функција, речеиси цела година  и по правосилноста на прессудат против која се жалел пред битолскиот ашелационен суд.

Судијата Ристо Силјаноски, според пресудата на Основниот суд во Струга, потврдена со пресуда на Апелациониот суд во Битола, нема да заврши една година во затвор на колку што е осуден, доколку во наредните две години не направи ново кривично дело, заклучиле Основниот и Апелациониот суд.

По пријава на полицијата за примање поткуп, Основното обвинителство од Охрид покренало постапка против судијата Ристо Силјаноски, судија на Основниот суд во Охрид, а за судење бил определен судот во Струга, како непристрасен суд.

Основниот суд во Струга го прогласил за виновен охридскиот судија и го осудил на една година затвор за примање поткуп, но истата ја условил, дека нема да се изврши, ако во наредните две години судијата не стори ново кривично дело.

На ваквата пресуда, жалби поднеле и адвокатот на охридскиот судија, Димитрија Цобоски, кој е исто така поранешен разрешен судија на Основниот суд во Охрид и јавниот обвинител.

Битолскиот апелационен суд, со пресуда од 28.03.2017 година ги одбил жалбите и на судијата и на на обвинителството и ја потврдил струшката пресуда за една година затвор. Оваа пресуда ја донеле судијките Љиљана Чочковска, Ружица Иваноска и Анита Милошевска.

Вишиот јавен обвинител од Битола Зора Сотирова побарала пресудата да се преиначи и да биде само ефективен затвор, а не и услов, но судот го одбил овој предлог.

Битолските судии прифатиле се што констатирал струшкиот суд, каде што е утврдено како барал мито судијата Силјаноски од странкате за да донесе пресуда во нивна корист.

СУДИЈАТА СЕ ЦЕНКАЛ СО СТРАНКАТА ЗА КОЛКУ ПАРИ ДА МУ ДОНЕСЕ ПРЕСУДА ВО НЕГОВА КОРИСТ

Станувало збор за случај кој еднаш бил вратен од повисокиот суд, па пред да се донесе втората пресуда, судијата се сретнал со една од странките и му кажал на човекот кој подоцна го пријавува случајот дека може да донесе пресуда во негова корист ако му даде 160 евра, а доколку не ги добие парите може да пресуди во корист на другата страна.

првостепениот суд утврди дека од страна на лицето Љупчо Наумоски против правното лице на сведокот била поднесена тужба пред Основниот суд во Охрид. за што бил оформен предмет кој по распоредот за работа бил доделен кај судијата Ристо Силјаноски односно обвинетиот, и била донесена пресуда која по жалба на странките од страна на Апелациониот суд Битола во дел била потврдена, а во дел првостепената пресуда била укината и предметот бил вратен на повторно постапување, во кој повторно постапувал сега обвинетиот како судија и кој по завршувањето на главната расправа требало да се донесе одлука.

Токму пред донесување на пресудата дошло до средба помеѓу судијата и тужениот, на кој судијата побарал 10.000 денари за да објави пресуда во негова корист.

-Судот од изведените докази во текот на главната расправа, неспорно утврдил дека обвинетиот судија во повеќе наврати дирекно побарал подарок за себе од лицето Трајанчо Митревски и тоа најпрво побарал подарок од 10.000 денари, а подоцна побарал подарок од 5.000 денари за да изврши службено дејствие во рамките на своето службено овластување кое што морал да го изврши и да го реши предметот  кој што му бил доделен во работа- утврдил судот во пресудата.

Сведокот Трајанчо Митрески во неговата канцеларија на дирекно барање од обвинетиот судија му дал подарок од 5.000 енари. во апоени од по 1.000 денари – констатирал Апелациониот суд во Битола.

Осудениот судија и неговиот адвокат тврделе дека „парите ги побарал од сведокот Трајанчо Митревски и ги зел на заем бидејќи во тој временски период имал финансиски проблеми и истите му биле потребни за да плати за упис на семестар на неговата ќерка на факултет„.

Второстепениот суд ја одбил ваквата жалба и во пресудата понатаму наведува дека судијата не смее да си дозволи такво однесување:

Сведокот Трајанчо Митревски пред судот рекол дека тој се познавал од претходно со обвинетиот судија, дека  случајно се сретнале на кејот во Охрид, се поздравиле, а обвинетиот му се обратил со зборовите „што правиме“ кои се однесувале на предметот.

Судијата му предложил на сведокот да се видат и да разговараат, па после неколку дена се сретнале во кафе бар во Охрид, и обвинетиот судија најпрво почнал да зборува за предметот велејќи дека може да пресуди во корист на било која од странките при и на сведокот му побарал износ од 10.000 денари за да ја одбие тужбата против него. тужителот.

Но, сведокот Трајанчо не ја прифатил таа понуда, а после неколку дена обвинетиот повторно го побарал на телефон, се сретнале во Хотелот „Сити Палас“ во Охрид каде што обвинетиот повторно му ја побарал сумата од 10.000 денари и кога сведокот не се согласил обвинетиот му рекол дека може да му даде и 5.000 денари на што сведокот Трајанчо се согласил - се наведува во пресудата на Апелациониот суд во Битола.

Му дал пари на судијата и го пријавил во полиција

Откако била договорена сумата за пресудата, сведокот му ги дал парите на судијата, но претходно пријавил во СВР Охрид каде што биле технички обработени банкнотите. Судијата парите ги зел во канцеларија на човекот кој го пријавил, а полицијата го уапсила кога тргнал да оди кон судот, извршила претрес кај судијата и во левиот преден џеб од пантолоните биле пронајдени парите, било извршено фотографирање, бил составен записник, а од обвинетиот биле одземени петте банкноти и еден мобилен телефон.

Во своја одбрана судијата Силјаноски тврдел и тоа дека лицето кое му ги дало парите на заем имало психички проблеми и имал голем број на предмети пред судот во Охрид.

-Правилно постапил судот кога не ја прифати ваквата одбрана на обвинетиот. Доколку на обвинетиот му била позната личноста на сведокот тогаш истиот и како судија во суд требало да внимава со какви лица склучува договори и зошто од таква личност би побарал пари на заем, а уште повеќе што му било познато дека истиот има предмет кој го решава и дека во истиот предмет има интереси сведокот Трајанчо за кои што како наведува обвинетиот знаел за каква личност се работи –пишува во пресудата.

Во овој случај, кога била поднесена пријава за примање мито, тогашниот Совет за утврдување на факти, побарал Судскиот совет да го суспендира судијата на кој му се судело за примање поткуп, но Судскиот совет не реагирал на барањето. Му дозволил на судијата да суди уште 18 месеци додека пресудата не станала правосилна и дополни 6 месеци, кога под притисок на медиумите донел одлука за разрешување.

Претседателот на тогашниот Совет за утврдување на факти, Сашо Поцевски вели дека тие на време реагирале, но Судскиот совет не постапиил по нивното барање.

-Отако добивме известување дека против судијата е поднесена кривична пријава за примање поткуп, ние поведовме постапка и го повикавме судијата. Тој, пред Советот призна дека зел мито и за него побаравме од Судскиот совет да го разреши. Но, Судскиот совет го одби нашето барање за разрешување и му дозволи да суди, не преземајќи никакви мерки, вклучувајќи и суспензија - вели Поцевски.

Откако случајот беше откриен од медиумите, Судскиот совет 6 месеци по правосилноста на пресудата поведе постапка и го разреши охридскиот судија Ристо Силјаноски, против кого полицијата имала поднесено и други пријави поврзани со злоупотреба на неговата судиска функција. Претседател на Судскиот совет, кој не реагирал на барањето на Советот за утврдување на факти бил битолскиот судија Зоран Караџоски.

Од основниот суд во Охрид до сега биле разрешени 12 судии за нестручно и несовесно работење. Судиите работеле на кривична, граѓанска и извршна материја. За двајца од разрешените Судот за човекови права во Стразбур констатирал дека државата направила повреди во постапката при нивното разрешување.

 

Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија во рамки на проектот „Корупција во судството, судството за корупцијата„ што го спроведува СВЕДОК. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.