Тековни судења

Судијката Кацарска и обвинителката Бислимовска нови „адвокатки“ на Заев во случајот „Поткуп“

објавено:


Зоран Заев слободно може да ги отпушти неговите адвокати кои го бранат во „Поткуп“, бидејќи денеска доби две нови „адвокатки“, судијката Добрила Кацарска и обвинителката Валентина Бислимовска, кои од петни жили се трудеа да го одбранат Заев, што предизвика низа реакции кај новинарите и публиката во салата, која го следеше судењето против Заев.

Посебно „инспиративни“ беа двете вкрстени прашања на обвинителката, која праша: Дали од некој, било од кого имало ПОПЛАКА за работата на Зоран Заев како градоначалник на Струмица и дали имало некаква, нечија одлука, било чија дека тој работел незаконски?

На ваквото прашање почна да реагира Кацарска, па откако Заев одговори дека од него се жалеле Груевски, Мијалков, Јанакиески кои му поднеле обвинение за „Глобал“, се вклучи Кацарска и објасни дека обвинителката не мислела на тоа, туку дали некој граѓанин некогаш воопшто се пожалил на неговата работа, а не дали имало постапки и побара да ббиде појасна во поставувањето прашања.

Нормално, одговорот беше „не“. Бислимоска се истакна со уште едно вакво јако вкрстено прашање, по што продолжи Кацарска, која е втор судија во случајов да ги разјаснува дилемите, како на пример: дали снимката објавена на Јутуб како Заев бара поткуп е идентична на таа што ја гледале во судница?

Заев рече дека не е идентична, бидејќи била извадена од контекст, па така, таму каде што се зборувало за „едно евро за Вицето“ всушност се зборувало „за цементо и градежни материијали“ за црквата.

По два и пол часа објаснување за процедури и како се знае со Иван Николов, судењето ќе продолжи во среда, кога треба да се гледа „сечената “ снимка на Јутуб од разговорот Заев-николов на кој се зборува за купување земјиште за едно евро и мито од 3 евра по метар квадратен.

Заев пред судот го објаснуваше како се утврдувала цената за приватизација на градежното земјиште, а за бараните пари за Црквата рече дека во Струмица се градел најголемиот храм на балканот, на кој тој и неговата фамилија биле најголеми донатори, а секаде се залагал секој да дава прилози, па често велел дека „30 денари од сиромав човек се повредни од 3 илјади евра на богат човек“.

Заев не крие дека ја нарушил секуларноста на државата и како градоначалник целосно се ставил во служба на собирање на пари за црквата. Дури и советниците утврдиле дека секој што сакал да купи земјиште требало да плати плус по 3 евра од метар квадратен за црквата. Заев тврди дека до сега биле инвестирани 650 илјади евра во струмичкиот храм, од кои, само 50 илјади биле од физички лица а сите други од фирмите.

Тие што давале, јавно се фалеле кој колку дал, за тоа да биде поттик да даваат сите во црквата. Во брањето пари се впуштил и струмички Комуналец, кој на секои два месеци со сметките за вода им доставувал и уплатници за донации, за на тој начин да извллечат што повеќе пари од граѓаните.

-Се одржуваа состаноци, беа споменувани пари и средства, дури и по едно, по две до три евра за метар квадратен од оние кои сакаа да купат државно земјиште. Оттука доаѓа разговорот како еден вид мотивација за сите граѓани кои не се газди во струмичкиот регион. После ваквите состаноци на завршување на еден од нив господинот Николов ми пристапи и почна да разговара за донирање во црквата. Ми рече: ‘Господин градоначалник, јас нема да можам д аги донирам трите евра кои ги ветив на состанокот оти се плашам дека власта тоа ќе го протолкува како поддршка за Заев’. Му возвратив: „Иво, тоа е меѓу тебе и Господ, колку милуваш толку дај“. Веројатно тоа е моментот пред да бидам снимен“, тврдеше Заев пред судот.

Според него, против Николов водела истрага Агенцијата за финансиско разузнавање, за перење пари во која тој бил осомничен, како и две постапки за градење без одобрение. Претпоставувам дека со одредени лица, како и со директорот на БЈБ, Митко Чавков кој е струмичанец почнало да се реализира одредено сценарио, рече Зоран Заев.

-Токму кај што кажувам „цементо“ на струмички за цемент и за друг градежен материјал што ако милува, може да ги даде Николов како придонес за храмот, таму е исечена снимката на Јутјуб за моја дискредитација и политички линч“, -рече Заев.

Во текот на судењето престана да работи компјутерот за што беше дадена пауза, а Заев можеше и практично да се увери какви реформи спроведува преку телото што го предводи, ако во новиот Кривичен суд немаат еден нормален компјутер на кој можат да работат. Разгласот не работи, па по бурни реакции на новинарите дека ништо не се слуша доаѓаше техничко лице да провери како да обезбеди тон во судницата и во галеријата.

И денеска обвинителката Бислимовска седна веднаш до судиите, во намерно згрешениот распоред во судницата, но по интервенција на судиите, мораше да се премести и да седне во ист ред со обвинетиот и неговите адвокати.