По налог на три банки, Коле Штерјов и Фиданка Рајевска и пресудиле на обвинителката Раичевиќ
објавено:

Советот на јавни обвинители влезе во нов скандал. Покрај уништувањето на службениот автомобил од страна на Коле Штерјов, претседател на Советот и изборот на неговата внука за обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал, со чиј глас Штерјов дозволил да се создаде кворум за да се избере внуката и не се изземал.
Овој пат, информациите говорат дека на истата седница, токму поради кворумот и обвинителката Фиданка Рајевска гласала за (не)избор на Лидија Раичевиќ за обвинител во организиран криминал и покрај фактот што знаела дека за нејзиниот сопруг Љубе Рајевски, директор во НЛБ Тутунска банка се води истрага во организиран криминал, а предметот го имала токму Лидија Раичевиќ.
Фиданка Рајевска, како сопруга на Љубе Рајевски, кој е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластувањето и за перење пари, не се иззела од гласањето, а Штерјов за медиумите не само што го потврдил и овој скандал, туку и натаму тврди дека тука нема ништо спорно, бидејќи ако не гласал тој или Рајевска, ќе немало кворум за работа на Советот и не можело да се донесат одлуките за избор на обвинители?!
Коле Штерјов, за „Макфакс“ потврдил дека Фиданка Рајевска гласала кога се носела одлуката за (не)избор на Раичевиќ.
„Колешката Рајевска не гласаше против реизборот на Раичевиќ, но не можам да ви кажам како гласаше“, рекол Штерјов. Според него, Раичевиќ не била реизбрана во Обвинителството за организиран криминал и корупција бидејќи немала доволно бодови.
Секој влече на своја страна: од лево на десно - Коле Штерјов, Фиданка Рајевска, Петар Аневски, Деса Пауновска, Арбер Исаку...
Истрагата која ја водела обвинителката Раичевиќ за НЛБ Тутунска банка се однесува на периодот 2006 до 2017 година кога биле основани фирми, подигање кредити и пренесување парични средства во Словенија и во австриски фирми. Некои од средствата подоцна биле инвестирани во основање нови фирми и купување недвижен имот на подрачјето на Битола. Со цел да утврдат факти и да обезбеди докази, како што соопшти на почетокот на истрагата обвинителството, во соработка со Министерството за внатрешни работи издало наредби за анализа на финансиски трансакции и обезбедување на целокупниот доказен материјал од имотна, финансиска и од управна природа.
Но, при елиминирањето на обвинителката Раичевиќ не била пресудна само заштитата на директорите во НЛБ Тутунска банка, туку и интересите на Комерцијална и Шпаркасе банка, кои можат прилично да бидат загрозени со друга истрага за измами и злоупотреби што се водела под името „Банки“.
Бидејќи станува збор за милионски суми во евра и подолг период, истрагата траела бавно, но во последно време била привршена, а да дадат исказ биле повикани и главните директори на банките и тука се вклучил алармот.
Затоа, Коле Штерјов по секоја цена и набрзина сакал да избере обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал, за овие предмети да ги одземе од постојните обвинители, да се доделат кај новите, а со тоа да почнат работите од почеток или да се затворат истрагите што побезболно за банките.
Во предметот за Комерцијална и Шпаркасе пријавата била пуштена до ОЈО за организиран криминал, но обвинителката Спасенка Туманова Андонова, побарала полицијата да ја преуреди и ја пратила во ОЈО Скопје, не наоѓајќи елементи за организиран криминал. Таму, обвинителот Трајче Пеливанов, по делумно спроведена истрага, носи решение со кое ја отфрла полициската пријава распослана на стотина страници и со серија докази. Наводно, уште тогаш Коле Штерјов бил многу заинтересиран за овој предмет, а решението за отфрлање на пријавата му било напишано и дадено на „усб“ стик на обвинителот, кој само го потпишан. Ова, секако, како што тврдат извори од ОЈО Скопје за Сведок било сторено по ургенции на Штерјов, а со амин на Марко Зврлевски.
Но, по жалба на странките Вишото обвинителство наложило да се продолжи истрагата и да се утврди кој и какви злоупотреби правел. Предметот бил пред завршување и на овој начин, му се дава време, а новиот обвинител може да има друг поглед од досегашниот дека за тој случај мора да се води иистрага.
Истражните органи, на почетокот трагајќи низ документите откриле дека директор во Комерцијална банка, формирајќи фиктивни побарувања по основ на позајмици меѓу капитално поврзани фирми успеал да „изменаџира“ над 14 милиони евра.
Парите се вртеле низ сметките на неколку македонски компании, а на крај, кругот не се затворал, туку наседнале повеќе компании кои само по основ на камати, провизии и рати за кредити, изгубиле милионски суми од своите сметки кои не се влезени во пресметаните 14 милиони евра.
За да се скријат трагите дека парите ги користат дваесетина капитално-поврзани фирми, блиски до луѓе кои биле во Управните или Надзорните одбори на самите банки, (банката претходник на Шпаркасе, Охридска, Комерцијална) кои не смееле сами на себе да си одобруваат кредити, бил направен овој, како што вели полицијата, „модус операнди“ за ненаменско користење на наменски одобрените кредити.
Полицијата за да ја олесни работата на обвинителството направила мапа на која се претставени фирмите и нивните сопственици од кои се гледа поврзаноста како по основ на роднински релации, така и по принципот на капитална поврзаност и членство во Управните одбори на Банките, што само по себе било правна пречка нивните фирми директно да користат кредити од банките, па барале начин како преку трети фирми да дојдат до пари.
па, од тука, поради интересот на банките се браат и сите незаконитости што ги направи Советот на обвинители менаџиран од Коле Штерјов, а сердно поддржан од другите членови.
И, на сите посочени злоупотреби, Штерјов за медиумите дава нова изјава во која тврди дека во Законот за советот на обвинители не било предвидено тој да се изземе од гласање, ако, како во случајов бира своја блиска роднина за обвинител.
Штерјов намерно прави манипулација, заобиколувајќи го целосно законот за спречување судир на интереси во кој се регулира конфликтот на интерес на носителите на јавни функции. Законот е толку ригорозен што не дозволува на пример Советник во некој од општинските совети низ Македонија да има и фирма во исто време или поротник во суд кој суди за 200 денари од ден не смее да има своја фирма, но за Штерјов ваквиот закон е ирелевантен.
на пример, толку критикуваниот Судски совет и неговата претседателка Александра Зафироска, која реферираше и за технички работи кај секретарката на премиерот, на седницата кога го бираа нејзиниот зет за сестра за судија на Апелација Гостивар, стана и ја напушти седницата, а се врати, откако нејзините колеги и без неа, едногласно и го избраа зетот за судија.
Па, по оваа аналогија, Коле Штерјов може да се интересира кај Зафировска по кој закон таа ја напушти седницата кога и го избираа зетот.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески во изјава за портал потврдува дека Коле Штерјов морал да се иземе од гласањето.
-Јас не гледав во колегите кој за кого од кандидатите гласа, но видов дека за обвинителката Ѓорѓева за која ме прашувате, претседателот Штериев гласаше воздржано. Сепак, сметам дека требаше да се изземе во ваков случај, кога на огласот беше пријавена неговата внука“, изјавил Јовески.
На прашањето дали изборот на внуката на Штериев за обвинител на организиран криминал и корупција е легален и дали треба да се поништи и повтори без да гласа Штериев, тој вели дека тоа е прашање што треба да се упати на Советот, а не нему како член на тој Совет.
КАКО СТАНА ФИДАНКА РАЈЕВСКА ВИШ ОБВИНИТЕЛ?
Сведок досега неколку пати ги анализираше и личностите во Советот на јавни обвинители, нивната блискост со одредени бизнис кругови, но и начинот на кои ја направиле ваквата кариера во највисокиот орган во обвинителската фела.
Фиданка Рајевска на пример, од основен обвинител, за Виш во Скопје е избрана во 2012 година, а во 2016 година е избрана за член на Советот на јавните обвинители.
Тогашен член на Советот, Јавен обвинител, потсетува дека Рајевска еднаш падна на изборот со прегласување, а по налог на „МВРО-ВМРО“ или популарното полициско тефтерче.
-Рајевска беше кандидат за виш обвинител, гласавме за неа и ја избравме, но тогаш се јави главниот кадровик на ВМРО, или позната од бомбите како „ВМРО-МВРО“ и рече ведна да се поништи одлуката. Тогаш побарав прегласување и Фиданка не помина на прегласувањето. во позадина стоеја бизнис интереси, па таа беше избрана по втор пат, откако Банката во која нејзиниот сопруг е директор се согласи да го доели обезбедувањето на објектите и трансферот на пари и на друга агенција за обезбедување - се присетува соговорникот на Сведок, тогаш јавен обвинител.
Пред два дена, за обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал беа реизбрани досегашните обвинители Вилма Рускоска, Наум Пановски и Сузана Мирчевска, на кои им се приклучија и четири нови обвинителки од скопското, меѓу кои и внуката на Коле Штерјов. Нов мандат не добија обвинителите што ги имаа предметите „Пуч“ и „Потткуп“, „Ровер“ и други.