Балкан

Иво Санадер осуден на 4,5 години затвор за примање мито

објавено:


Судот во Загреб го осуди поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер, на четири и пол години затвор за примање 2,2 милиони евра мито во случајот „Планинска“.

Санадер ќе остане на слобода се додека пресудата стане правосилна, бидејќи е осуден на казна помала од пет години затвор. Бившиот премиер ќе мора да врати два милиони евра во буџетот во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

По излегување од судот, Иво Санадер, изјави дека и оваа пресуда, како и претходните две се базира исклучиво на лажни сведоци.

„Нема ниту еден доказ против мене, освен лажни сведоци на УСКОС. Уверен сум дека нашите докази и факти кои ги изнесовме во завршните говори имаат поголема тежина.“, рече Санадер и додаде дека се надева дека повисоките судови ќе одлучат поинаку.

Освен Санадер, судот ги прогласи за виновни и Младен Млинаревиќ и Стјепан Фиолиќ.

Фиолиќ е осуден на една година затвор која се заменува со општокорисна работа, како и Млинаревиќ.

Пресудата е донесена после четири години судење.

На почетокот Санадер ја негираше вината отфрлајќи ги наводите на УСКОК дека незаконски искеширал милиони евра од препродажбата на станови во улицата „Планинска“ во Загреб, но вината ја призна вториот обвинет Стјепан Фиолиќ.

Фиолиќ во истрагата потврди дека зградата е продадена по повисока цена, а 2,2 милиони евра му ги предал на Санадер. Парите му ги предал во кеш во 2009 година во неговата куќа.