Вести

Театар во Кривичен: Фетаи ѝ порача на Михајлова: Не дојдовме да видиме колку сте убава

објавено:


Вистински теaтар со високи тонови и попречување во збор, се случуваше на денешното трето подготвително рочиште за судењето на насилствата пред општина Центар во 2013 година. Обвинетиот Никола Груевски заедно со адвокатскиот тим предводен од адвокатот Никола Додевски влегоа низ споредниот влез на судот. Од останатите обвинети на судењето присуствуваа: екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, советничката и нова пратеничка во Собранието, Даниела Рангелова, Томислав Лазаров, Александар Трајковски, Даниел Трифуновски, Трајче Петков, Борче Богдановски и останатите, а тројца обвинети беа отсутни.

На почетокот од судењето обвинителката Фатиме Феати ја прозва судијката Татјана Михајлова дека е направен интелектуален фалсификат, со тоа што фактичката состојба од рочиштето одржано на 16 декември не кореспондира со записникот, поточно, на минатото рочиште јавноста беше исклучена во одреден дел од судењето, додека пак во записникот пишува дека била исклучена во сосема друг дел, рече обвинителката Фетаи. Таа откако побара, а не доби збор на судијката ѝ се обрати со зборовите „Не сум дојдена за да ве видам колку сте убава“.

Откако судијката ѝ го одзеде зборот на Фетаи и побара во записникот да влезе дека обвинителката нема елементарно познавање од правото, реагираше и Катица Јанева, која застана во одбрана на колешката. На судијката ѝ рече „Не знаете да водите запсиник“!

По ова судијката им изрече парична казна од 1000 евра, па по неколку минути уште по 1000 евра за непочитување на редот во судницата. По излегувањето од судницата, обвинителката Фетаи рече дека „со задоволство ќе ја плати казната“.

Судијката Михајлова ги упати обвинителките ако имаат забелешка да поднесат и кривична пријава. Фетаи одговори дека за тоа да го направат им е потребна видео-снимка од рочиштето и дека како сведоци ќе ги повика новинарите кои биле присутни на рочиштето. Потоа се обрати повторно кон Михајлова со зборовите „Вие немате елементарно познавање од правото“. Не ја заслужувате функцијата судија, уште помалку претседател В.Д.“. 

Расправа имаше и за тоа кога да се одржи следното рочиште. Фетаи иронично рече дека до 2026 година кога застарува делото може да го одложуваат колку сакаат и дека има време да се докаже вината, но дека ако станува збор за подготвеноста на СЈО, рочиште може да се одржи уште утре.

Обвинителката Јанева ѝ посочи на судијката Михајлова да го внесува во записникот целосното име на обвинителството во записникот како „Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, а не како „Специјално јавно обвинителство“ 

По рочиштето, обвинителката Катица Јанева истакна дека не само Судот, туку и СЈО има механизми со кои може да се справи со ваквото однесување на судијката Михалјова.

За обвинетиот Никола Груевски кој излезе насмеан од судот и за неговиот адвокат, Никола Додевски, денешното рочиште наликувало на циркус, отколку на вистинско судење. Додевски рече дека стекнал впечаток оти Јанева и Фетаи сакале да ја опструираат работата на Судот.

„Не е забелешката било да потекнува од нас или од обвинителството на записникот навреди кон судот, ваков ви е записникот, таков ви е записникот интелектуален фалсификат, итн. Тоа е притисок за водењето на постапката. Ако некој има проблем со судија, законот дозволува изземање на судијата. Ова е невидено во досегашната практика. Јас навистина чувствувам вознемиреност од ваквиот начин на водење на постапката. Фер судење кон обвинети кои ги имаш во судница е прво и основно право кој секој го има. Но и обврска на обвинителот. Ова е далеку од фер судење, влегувате агресивно во судница, го напаѓате судот, се однесувате како вие да сте тој што треба да го води судењето и да казнува“, рече адвокатот Додевски.

Главната расправа е одложена, а предметот е испратен до Советот на јавни обвинители.

На минатото рочиште одржано на 16 декември Судот ги одби аудио-снимките од прислушуваните разговори, а го одби и зашитетениот сведок на СЈО. Скопска Апелација, како што вчера објави СВЕДОК, сè уште одлучува по жалбата на решението на Кривичен.

Во случајот се обвинети се 14 лица, од кои пет како поттикнувачи, а останатите како директни извршители на насилството.

Попладнево се огласи и Кривичниот суд со соопштение во кое пишува дека Судот не памети „вакво однесување и непочитување  на Јавен обвинител во судница, како кон судот, судската власт така и кон судијата кој ја води постапката“.

Во соопштението на Кривичен пишува: 

Но, тоа не беше доволно да се спречи очигледната намера на обвинителките, кои и покрај тоа што немаше услови да се одржи рочиштето поради неприсуство на неколку обвинети, да ја исполнат нивната цел денес како што и самите изјавија  да одглумат некаква улога, а истото дрско го препорачаа и на судијата да учи од нив како се глуми и да одглуми непристрасен судија. 

Од сите овие причини судечкиот судија, согласно член 7 од Законот за СЈО,  а во врска со член 361 од ЗКП, одлучил предметот целосно да го достави до Советот на Јавни обвинители како единствено тело надлежо да се признесе околу однесувањето на јавните обвинители од ова обвинителство, пишува во соопштението од Кривичен.


Васко Маглешов