Информации

Новата судијка во организиран Поп Стефанија -сопруга на лустратор, балдза на пратеникот Павле Саздов

објавено:


Власта и натаму поставува свои и проверени кадри во судството, кои на секој начин треба да ги минираат постапките кои ги иницира Специјалното јавно обвинителство. Покрај налогот што им беше даден на претседателите на судовите со проширена надлежност да состават „наменски“ кривични совети составени од граѓански или прекршочни судии што ќе одлучуваат по приговори за притвор, сега се консолидираат и редовите во Кривичниот суд во Скопје, откако судиите се „охрабрија“ и определија неколку притвори.

Сведок објави дека судии од скопскиот кривичен суд, од одделот за организиран криминал и корупција кои одлучуваат во кривичните совети биле повикувани во Судскиот совет и им биле ветувани места во Апелациониот суд, во Републичкото обвинителство и претседателското место во судот доколку ги укинат притворите што беа определени во „Тврдина“ и „Транспортер“.

така и се случи, сите решенија за притвор или други алтернативни мерки што ги прифатија судиите на претходна постапка, беа укинати и преиначени од дел од 8-те судии во Организиран криминал, кои во моментов се главните „ороводци“ во „правното просветлување на судството - притвор не смее да се дозволи по никоја цена“.

Последната одлука на претседателот на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски, за кој пишувавме дека повторно направи нов распоред, „зајакнувајќи“ го одделот за организиран криминал и корупција, со две млади судијки, кои треба во истрага да одлучуваат за притворите и другите мерки за обезбедување во предметите што ги иницира Специјалното јавно обвинителство, а менувајќи двајца досегашни судии, покажа дека судството со сите сили се бори грчевито, плашејќи се дека и  дел од нив ќе завршат на обвинителна клупа.

Скандалот е во тоа што Панчевски, за судијки на претходна постапка во организиран криминал ги стави Александра Поп Стефанија, судијка од Неготино, делегирана да суди прекршоци во Скопје и Елена Илиевска Јосифовиќ, со вкупен стаж од 5 години како судија, вклучувајќи ги тука и породилните отсуства.

Веќе објавивме дека за првата судијка, Александра Поп Стефанија, која беше судија во Основниот суд во Неготино, Судскиот совет донесе одлука за нејзино делегирање во Скопје, во одделот за прекршочи, да суди предмети на местото на судиите кои беа уапсени во акцијата „Јустиција“. Веднаш по делегирањето, судијката замина на породилно отсуство, а во Неготино судела прекршоци и дел од кривично, па нејзиното поставување во одделот за организиран криминал е со голем знак прашалник што се однесува на искуството и работата на ваква материја.

Сепак, тоа што покажува дека изборот на овие две млади судијкаи да решаваат сериозни предмети во одделот не е случаен, а тие зад себе имаат поприличен роднинско-партиски багаж!

Сопруг на Поп Стефанија е Сашо Јанев, 34 годишен, член на Комисијата за лустрација и поранешен секретар на Општина Неготино и на ВМРО ДПМНЕ од Неготино. Во Комисијата за лустрација бил избран во последниот состав од 2014 година.

Судијката поп Стефанија има релации и со пратеникот Павле Саздов, кој и е зет за братучетка.

Дополнително, прашање е дали Панчевски може делегираната судијка која требаше да суди прекршоци (на сајтот се уште пишува дека суди прекршоци) да ја става на друг оддел и на материја за која не била избрана или делегирана. Претходно, според „тефтерчето“ на Сведок, Поп Стефанија работела кај еден од мобилните оператори во земјава. 

Втората судијка која исто така доаѓа во овој оддел е 35 годишната Елена Илиевска Јосифовиќ, избрана во 2011 година за судија и која исто така во меѓувреме користела породилно отсуство, па нема ниту 5 години судиско искуство, што за вака сериозна област, несомнено е потребно судиско теоретско и практично знаење.

За нејзиното префрлање од кривично на претходна постапка во организиран криминал велат дека заслуга има нејзиниот сопруг (кој може да се види на настани застанат зад лидерот на ВМРО ДПМНЕ) и неговиот брат кој е вработен во моќна спортско-медицинска фирма блиска до фамилијата.

Јосифовиќ го судеше вториот пат предметот со поткупот за докторот Дејан Ставриќ, синдикалниот лидер на докторите.