Судски архив

Годишнина од загинувањето на Претседателот Трајковски, Зврлевски молчи за истрагата

објавено:


Местото на несреќата, во близина на Ротимље, недалеку од мостарскиот аеродром, БиХ

Денеска, 26 февруари се навршуваат 12 години од авионската несреќа кај Мостар, БиХ, во кој загина Претседтелот Борис Трајковски, пилотите, неговите соработници и обезбедувањето. Во овие 12 години, беа спроведени две истраги, кои на јавноста не и дадоа одговор дали авионската несреќа на владиниот кингер била поради грешка на пилотите, на војниците на СФОР на контроната кула, временските услови, грешната рута која им била дадена или евентуални проблеми со леталото.

Бидејќи власта предводена од ВМРО ДПМНЕ не и веруваше на првата истрага, која се затвори како несреќа, без одговорност, формираше Комисија која ја испитуваше несреќата и во Македонија и во БиХ, помпезно ја најавуваше, но и по година и половина од составување на извештајот, јавниот обвинител Марко Зврлевски молчи и не соопштува дали новата истрага нуди сознанија за нечија одговорност.

На 26 декември 2014 година до Јавното обвинителство беше доставен Извештајот за авионската несреќа во која по падот на владиниот „кингер“ животот го загуби претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и осум членови на екипажот, составен од двете комисии на Македонија и на Босна и Херцеговина.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Тогаш, Јавното обвинителство соопшти дека го доставило извештајот до скопското обвинителство за натамошно разгледување и анализа, но и по 15 месеци, нема одлука на обвинителот дали има место за истрага или не.

-Основното јавно обвинителство ги зема предвид сите факти наведени во извешатјот,  при тоа меѓудругото користи и компаративен пристап со претходно утврдените факти и прибраните докази од истрагата која ја водеше македонското обвинителство. По завршување на анализата, Јавното обвинителство на Република Македонија ќе ја информира јавноста за ставот и евентуалните натамошни чекори- одговори  обвинителството на наше прашање во септември 2015 година и остана на тоа.

Не прецизирааа колку време ќе му биде потребно на обвинителот да донесе одлука дали ќе има истрага, ниту пак има било какво известување за случајот на нивната веб страница, освен тоа од 2014 година дека им бил доставен извештајот.

Во истрагата која се спроведуваше по загинување на делегацијата, обвинителството го прифати извештајот на македонските и босанските власти и заклучи дека нема елементи за кривично гонење.

Сопругата и ќерката на Трајковски, на спомен обележјето на местото на несреќата.

Владата преку Комисијата за испитување на несреќи, го ангажираа босанскиот воздухопловен експерт Омер Кулиќ за новата истрага, но босанските власти, преку Дирекцијата за цивилно воздухопловство новиот извештај кој сега е во обвинителството, го оценија како плагијат на нивниот од 2004 година.

-Плагираниот завршен извештај има една единствена цел, да се дискредитира Комисијата која претходно спроведе истрага, а чии резултати на одредени места се буквално препишани, а некаде се кажани со други зборови. Клучната разлика меѓу препишаниот завршен извештај и извештајот од 2004 година лежи во јавното објавување докази и податоци од страна на „сензационалистичката комисија“ што е во спротивност со меѓународните стандради и со домашните прописи. Јавно прашуваме, зошто  е отворена новата истрага, зошто таа траеше толку долго, од 13. 5. 2013 до 29.11.2014 година, зошто таа чинеше 160.000 евра, кој ги плати или треба да ги плати трошоците и на кого му е платено?“- реагираше босанската дирекција.

Претседателот на македонската комисија за испитување на воздухопловни несреќи, Сотир Костов, одговори дека оваа Дирекција е инволвиран фактор и се обидува да се испере себеси откако во втората истрага биле најдени докази кои тие во првата истрага се обиделе да ги скријат.

-Не може извештајот од повторената истрага да е плагијат бидејќи уште во 2009 година стручна Комисија потврди дека извештајот од 2004 година е фалсификат, бидејќи од него се избришани сите податоци за системските грешки, со цел да се скријат истите и да се скријат одговорноста и вината. Дека тој извештај беше фалсификат во 2012 година, прифати и министерот за транспорт и врски на БиХ – изјави Костов за медиумите.

Сотир Костов е сопруг на Билјана Костова, одговорна за протокол на Никола Груевски за цело време од неговиот премиерски мандат.

Костов, кој сега често се појавува како експерт по правни прашања не го споменува извештајот за падот на кингерот, ниту пак Јавниот обвинител кажува зошто им треба толку време да донесат одлука.

Ваквиот молк на скопското обвинителство и на Јавниот обвинител Марко Зврлевски ја спушти на земја помпезно најавуваната нова истрага, откритијата во неа, наводната одговорност на лица во Македонија и во БиХ, како и тврдењето дека новаа истрага утврдила нови факти и докази.

Прес службата на Јавното обвинителство со месеци не одговара на прашањата што им ги упатуваме, па овој пат, прашањето упатено до нив: уште колку време им треба за да донесат одлука, им го упативме јавно во понеделникот, во очекување дека на ваков начин, „по допрен глас“, до денеска, датумот на 12 годишнината од трагедијата, ќе одговорат, но од нив нема никаков одговор.

За трагедијата сведочат само венците со цвеќе кои денеска ќе бидат положени на градските гробиѓта Бутел и во Велес каде што се погребани загинатите, како и во Ротимље каде што босанските власти го посетуваат местото на несреќата.