Став

Судството комплетно се отвори за американските долари, ама може да го фати промаја

објавено:


Судството, не само што е реформирано, туку е и целосно отворено кон јавност! Толку е отворено, што му се заканува промја да го укочи, зашто, отвореноста му е само за десетиците илјади американски долари, кои ги троши за „ширум“ да се доотвори!

Верувале или, на странциве, посебно на Амбасадата на САД и други нивни организации им се продава приказната за отворено судство, што, човек не може а да не го фати жал, ако барем малку знае колку се отворило судството! Речиси две години Здружението на судии, од „американска цицка“ цица илјадници долари за подобрување на отвореното судство, а последното трошење илјадници долари им беше минатата недела, кога на дводневна конференција во Скопје, во хотелот Мериот (видете само какви цени има хотелот), ги редеа „достигнувањата“.

Кој се сеќава, сеќава, јас од старт им го критикував проектот, тврдев и тврдам дека група судии од нивното здружение и група новинари се состануваат во форма на некаква комсија при Здружението на судии, наречена Судско медиумски совет, кој расправа за горливите прашања на релации судии и новинари и ја подобрува соработката.

А, во суштина е ветувањето на Американците дека ќе ги прошетале до Америка! Но, настрана од ветувањата и потрошените купишта пари како донации, што кеш пари, што во скапо платени американски експерти кои се расшетуваат по земјава, накратко да ги анализираме „отворените процеси во судството“ како резултат на десетината кафе-пијанки на судиите и новинарите.

За почеток, да го земеме минатонеделното „колнење“ на првата група новоизбрани претседатели на судови. Тие, за кои во Судски тврдат дека го поминале тестот за интегритет, интервјуто, понудиле програма, многу храбро, машки што би рекле, се заколнаа дека ќе ги водат судовите во Битола, Велес, Делчево, Прилеп, Крива Паланка и Штип и храбро побегна, праќајќи ја портапаролката на Судски да ги извести новинарите дека претседателите нема да даваат изјави (дури ни свечено, проформа да кажат што понудиле во програнмата).

Нормално, тука си го закопаа и интегритетот и угледот и својата улога како едукатори и од старт покажаа колку им значат медиумите и отвореноста на судството, за кое, ќе повторам, потрошија и трошат илјадници долари, доволни да изградевме цел суд.

Да биде сликата уште пожална, во таа група заклетва даде и претседтелот на штипскиот суд, Ѓоше Андонов, директен член на Судско-медиумскиот совет, и како што слушав, миленик на новинарите кои беа воодушевени од релативно младиот штипски судија! Но, тој кој беше „дете“ во споредба на другите новоизбрани претседтели (како што би се изразила екс членката на Советот Лидија Каначковиќ) најмногу ги разочара новинарите, затоа што, не само што одби да даде изјава за скандалот со бегството на Игор Спасов, осуден за убиството на Мартин Нешковски за кого се крена цела Македонија на нозе, туку играше и на трпението, да седи скриен во Судскиот совет повеќе од два часа, надевајќи се дека новинарите ќе си заминат.

По неколку лути интервенции на новинарите, се појави, одби да даде изјава, ги препрати кај портпаролката на судот, која, внимавајте, требаше да објаси како му избегал Игор Спасов на новиов претседтел Ѓоше, кој бил судија за извршување на санкции, кој ги донел речиси сите решенија за продолжување на прекинот на казната , но ниту еднаш не направил да види дали е болен осудеников на чија медицинска документација верува!

Замислете, Ѓоше, реформаторот за отворено судство, не сакаше да даде изјава затоа што тоа му бил свечен ден и не сакал да си го расипувал со тоа што му избегал некој затвореник, додека тој со Затворот и со МВР се допишувале со писма и ги праќале во 21 век по гулаб писмоносач, а тој малку подзаглавил на семафорите кај Ѓуриште! Тие што ги нема, де! Малку фалеше Ѓоше да си донел и трубачи да ја прослави својата заклетва за функцијата на која е унапреден, а која, според тврдењето на полицијата, може експресно да ја загуби, зашто вината за бегството се лоцира во судот.

Но, Ѓоше транспарентниот мисли ќе се скрие со тоа што им се налутил на новинарите кои известиле дека портпаролката Јулијана Недкова имала забран да дава информации и така лут не отишол на трошење на американските долари во Мериот!

Прво, Ѓоше, а и сите претседтели треба да знаат дека со формално назначување на некој портпарол да не мислат дека ќе бидат комотни и никој нема да ги прашува ништо или како нојот, ќе ја ставаат главата во песок!

Претседателката на велешкиот суд лидија Димова веднаш поставила нова портпаролка, најмладата судијка во судот по стаж, која работи на стечајни предмети и за која ретко кој слушнал во градот, а уште помалку во медиумите.

Дара Арсова дојде за судија како соработничка на Никола Додевски, адвокатот на Груевски и врвот на ВМРО, а од нејзината биографија не успеав да најдам дека некогаш и некаде завршила некаква обука за комуникации со јавност, ниту дека имала било каков контакт со новинари преку предметите што ги работи.

Стечајните предмети, кои ги има се помалку, речиси и да не се интересни за медиумите, наспроти кривичните, па не можам да и ја разберам одлуката на Димова за нов портапарол, освен ако не мисли со распоредот од Нова Година да ја постави на кривично, што пак не ја прави соодветна бидејќи ниту ја владее материјата ниту потекнува од тој суд за да знае што се судело до сега, што може да и биде предност и нејзе и на новинарите при евентуален брифинг.

Да го споменеме и претседателот на Скопска двојка Илир Сулејмани. Него толку го пофалија со изборот на втор мандат во Судски, што помислив дека судот го направил стаклена градина. Кога таму, при мојата вчерашна посета, судот во црна темница, нема светла по скали и ходници, десетици предмети нафрлани на маси пред судниците, што на шега со колегите посакавме да си земеме по неколку дома, па да помогнеме во решавањето ако не беа решени. Не им работи ни системот за тонско снимање на расправите.Скопска двојка е најголем суд во земјава со над 70 судии, но Илир до сега, ниту некој го видел или чул во јавноста. На сајтот нема ни негова, ниту слика од другите судии.А темава ни беше отворено судство, нели?

Многу сум љубопитен дали се плашат дека некој ќе ги штипне додека си одат дома или седат по кафаните на Кејот во Скопје секојдневно?

Еве, на пример битолските апелациони судии имаат и фотографии и биографии? Што е проблем тогаш скопска единица, двојка или апелација да излезе од фантомскиот роф и да видиме кој ни дели правда?

Не за друго, туку да се оправда трошењево на американскиве долари, кои, сега се користат само кај пријателиве од Кале за да се лобира за напредување!

И така, како што ви реков, судството врие од бисери на отвореност! Не помалку е интересна Виница, каде што тамошната претседтелка Васка Петрова и едвај двајца судии со неа, од кои едниот делегиран, не само што не суди, туку шефува, за портпаролка ја поставила единствената судијка која судии и граѓанско и кривично и се што ќе стигне, па дури и да информира за настаните во судот.

Апелациите се посебна приказн заотвореност! Ја познава некој Лидија Димчевска на пример? Кога ја видел во јавноста? Или можеби некој ги видел претседателите на штипска и битолска апелација? Овој од Гостивар, завчера се пожали во медиуми дека немал судии. Скопска единица не објавува никакви пресуди, другите кога ќе им текне, новинарите одат на судење на кое судиите не се претставуваат, ги затвораат седниците како ќе им текне! Ама важно Здружението на судии пред Американците реферира дека е отворено!

Ах да, ќе трошат пари и на нов прирачник за јавност! Само уште да најдат кој да го чита! И, што рековме, судството е отворено? Да, секако, само за американските долари!

П.с. Еден пријателски совет, подзакочете со отвореноста, ќе ве утепа промаја! П.п.с. и, дај кажете им на американсциве, нека ве однесат побргу во Америка, да не го должат проектов, зашто ефекти ниту има, ниту ќе има! А, доволно е само да се пресликаат хрватските искуства! Но, Хрватска е близу и не е интересна толку за шетање како Америка. Само, пред пат завршете си ги сите обврски, да не ве враќаат како судијава од врховен на половина престој оти заборавил да потпише нешто во „Монструм“.

П.п.с. Првата конференција за судството и медиумите беше одржана во 1999 година. Стручните соработнички од Врховен што ја подготвуваа конференцијата уште малку ќе заминат во пензија, одамна се судии, а ние уште зборуваме за отворено судство!