Тековни судења

АКМИСОТ влегува во судница, на обвинетиот Владимир Панчевски не му се допаѓа велешкиот суд

објавено:


Владимир Панчевски, екс претседателот на Основниот суд Скопје 1, Скопје, обвинет за злоупотреба на АКМИС системот и делење предмети на рака, пред почетокот на судењето против него во Основниот суд во Велес, закажано за утре (21 октомври) поднел приговор на месната надлежност и бара да не му суди ниту судот во Велес, ниту било кој суд на подрачјето на скопска апелација.

Според информациите на СВЕДОК, Панчевски, иако не добил покана за утрешното судење, бидејќи полицијата не можела да го најде ниту на адресата од обвинението, ниту на другите адреси каде што има станови во Скопје, сепак „дознал“ дека ќе му се суди за злоупотребите на АКМИС системот, па повикувајќи се на бројот на кривичниот предмет, поднел приговор за месната надлежност на судот во Велес, која претходно е определена со решение на Апелациониот суд во Скопје.

Овој приговор судот го одбил, но Панчевски има рок од 3 дена за жалба до скопска апелација. Но, на Панчевски, не само што не му се допаѓа да го суди велешкиот суд, тој побарал изземање и на скоскиот апелационен суд, со образложение дека и сега (иако е суспендиран) и претходно како претседател на судот бил во директна секојдневна комуникација со судиите кривичари.

Затоа, Панчевски поднел и друго барање до Врховниот суд во кое бара делегирање на друго апечационо подрачје, Битола, Штип или Гостивар, кои би го суделе предметот против него.

Постапката против него се води во скратена постапка, а за делото му е запретена казна од 6 месеци до 3 години затвор.

Со решение на Апелациониот суд во Скопје, Основниот суд Велес е определен за надлежен суд да постапува по предметот АКМИС, со цел да се исклучи секое сомневање во непристрасноста на Основниот суд Скопје, имајќи предвид дека обвинетиот е судија во овој суд.

Обвинението кое го напиша ОЈО Скопје сега ќе го застапува Основното јавно обвинителство Велес. Обвинението во Скопје го потпиша обвинителката Наташа Сарамандова, а во Велес обвинител ќе биде Цветанка Новакова.

Интересно, и засега без одговор е зошто обвинителот Сашо Јордановски од ОЈО Скопје, кој го работеше предметот за АКМИСОТ првично, неодамна си поднел оставка од функцијата во ОЈО Скопје и најавил дека ќе оди во адвокатура.

Владимир Панчевски пред извесен период од страна на Судскиот совет беше суспендиран од работа за непрофесионално и несовесно извршување на судиската функција. Обвинителството поднесе обвинение против Панчевски, за местење предмети кај подобни судии, додека тој беше на чело на скопскиот суд.

Според Обвинителството, тој распределувал рачно судски предмети кај одбрани судии, заобиколувајќи го АКМИС системот за електронска распределба. Освен предмети од редовнито Обвинителство, Панчевски ги распределувал рачно и предметите кои ги водеше Специјалното јавно обвинителство.

Обвинението против Панчевски беше покренато откако кон крајот на 2017 година Министерството за правда објави извештај што произлезе од контролата на АКМИС системот. Според извршената ревизија во Основниот суд Скопје 1, годишниот план за управување со судските предмети бил донесен во 2013 година, но за истиот не било формирано работно тело, што подразбира дека предметите се распределувале рачно. Дури и работното време во овој суд не било стабилно, така што само во текот на септември 2017 година истиот бил променет трипати.

За манипулацијата со системот пишуваше и во годишниот извештај на американскиот Стејт Департмент (АСД), каде претседателите на Основниот и Врховниот суд беа посочени со име и презиме како инволвирани во скандалот со АКМИС.

Судењето не може да се одржи додека Врховниот суд не одлучи по неговото барање, кое е разлаично од тоа на кое се повикава Панчевски, на праксата за случајот „Јустиција“ што беше префрлено во Битола, бидејќи тогаш скопскиот суд почна да го суди предметот против судиите на тој суд, по што следуваше делегирање на друго подрачје, што во овој случај, со решението на скопска апелација за определување на друг суд уште во старт, треба да се смета за веќе апсолвирано прашање.