Став

Другар Стево, кажи му на Претседателот дека реформи во судството не се прават со партиски кадри

објавено:


Писмо од плажа.

До другарот Стево, со кој се знаеме едно дваесет и кусур години, со молба, да му го пренесе поздравот на Претседаателот Пендаровски.

 

Залегнат така под дебелите сенки на плажите на Јадранов, читам другар Стево, дека Претседателот Пендаровски предложил член на Судскиот совет, а го повлекол тој кој претходно го имаше предложено неговиот претходник Иванов, ама оти не им се допаѓал на ДУИ, стоеше заглавен во Собранието.

Бидејќи законот предвидува тоа да биде истакнат правник, побрзав да го видам предлогот, да му ја видам биографијата на кандидатот и секако, надевајчи се дека во рамки на толку „фалениот реформиран Судски совет“ недостасува уште овој член, па да биде „се во круг, а задоволството на квадрат“.

Но, што да ти кажам дрѕгар Стево, Претседателот Пендаровски ме разочара. И тоа поприлично. Од повеќе причини нели. Прво, затоа што прифатил кадар на ДУИ без да се наметне како авторитет и да им врати неколку предлози назад се додека не најдат некој „истакнат“ како што бара законската одредба. А, не верувам дека меѓу Албанците баш нема никој „истакнат“.

Другата работа која ме разочара е фактот што, другар Стево, Претседателот испуштил златна прилика да се наметне како авторитет и ако сам ги бираше своите советници, да предложи некој таков кадар и за член на Судскиот совет, по цена, пак да се судри со ДУИ, ама тоа да биде во корист на Републиката, на сите граѓани и најважно, во корист на судството, кое на зборови го реформираме 23 години, а на дела го уништуваме со секое ново кадровско решение.

Имам дилема другар Стево, дали Претседателот можел да го повлече предлогот на Иванов за член на Судскиот совет кој не беше по воља на ДУИ, или требало да остави Парламентот да гласа, да не го избере ако ДУИ е толку против, па тогаш Пендаровски да предложи нов кандидат и да има чиста ситуација, за да не може никој понатаму, еве вака како мене, залегнат на некоја песочна плажа да има дилеми. Поразговарај со Претседателот другар Стево и на оваа тема, зашто процедурата е многу важна во правото.

На кандидатот за член нна Судски совет, на кого му го заборавам името, во биографијата му пишува дека работи во Министерството за правда, претходно во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор и има напишано трудови. Се фино вака на прв поглед, ама, овде не бираме научно звање, не ни треба теоретичар, туку „истакнат“ што во превод би било и практичар, кој утре треба да избира и разрешува судии, да ги унапредува, да ја цени нивната работа.

А, би можел ли другар Стево да го прави тоа човек кој во животот не напишал пресуда, кој не влегол во судница, кој не напишал жалба, кој не трчал по шалтери. Е, тој, сега треба да биде на врвот, во телото што го креира ликот на македонското судство, што ќе гласа за изборот на идните судии.

Јас сум убеден дека не само тој, туку и како многумина досега, ќе биде само уште еден лик во приказната Алиса во земјата на чудата, кој ќе се чуди каде дошол. Да се разбереме, нема да биде прв, да, но мислев дека еднаш треба да се прекине таа пракса.

Замисли другар Стево, во услови кога Претседателот ја ангажираше поранешната европска судијка Мирјана Лазарова Трајковска за свој советник, како изгледа предложеново решение за член на Судскиот совет?! иако, мислев дека токму нејзе ќе ја предложи за оваа функција, што би било одлично решение.

Другар Стево, ти знаеш дека претседателот што се однесува до кадровски решенија во делот на судството нема голем простор за маневар, предлага двајца судии на Устаавниот суд и двајца членови на Судскиот совет. И толку. Како што стојат работите, Претседателот Пендаровски веројатно ќе биде хендикепиран и во својот мандат не ќе може да предложи судии на Уставниот суд, бидејќи двајцата судии предложени од претходниот претседтел имаат 9 годишен мандат, многу поголем од 5 годишниот претседателски. Затоа, кога остануваат само двете места во Судскиот совет, секоја екскурзија и задоволување партиски интереси многу ќе чини.

Другар Стево, писмово ти го паишувам тебе, зашто знам дека ти можеш да му кажеш на претседателот Пендаровски, а верувам и дека ќе те послуша и ќе се поправи, а она негово ветување дека ќе делува во интерес на сите ќе добие свое реално и вистинско значење. Претседателот, за некој месец ќе треба да го предложи и вториот член на Судскиот совет, на местото на Виолета Богојеска која се декларира како Влаинка и е предлог на Иванов. Ова решение, сериозно треба да биде кадар за кој не би морал да му пишувам писма на дрргарот Стево, туку би се гледало како на решение кое навистина вреди.

Другар Стево, знаеш дека константно, од 1996 година сум во ова судство што секој ден го „реформираме“, ама никако да ни тргне реформата. Затоа, и писмово не го пишувам до Претседтелот на Републиката (кој сум јас да му кажувам што да прави), туку на другарот Стево, кого го знам многу добро и знам дека може да влијае кај Претседателот да биде добар, да го задржи авторитетот за доброто на сите нас, а да не биде џубокс сандаче за исполнување на партиски музички желби.

пс Другар Стево, знаеш дека ова го пишувам од срце, непонесен од никакви интереси (невработен сум, никој не ме плаќа, не штитам ничии интереси, немам фаворити, не барам да ми постават споменик пред суд на местото кај што беше тој на Ќосето), туку само поради една цел, ако може да ја завршиме реформава на судството и на раат да одам во пензија. Не барам многу нели?!

ппс: И чувајте ми го судството такво какво што е (најреформирано ако ја слушаме министерката за правда), немојте кога ќе се вратам да не го препознаам.

Срдечен јадрански поздрав

Саше Димовски