Тековни судења

ЈУСТИЦИЈА пропадна, судиите вратени на работа, државата ќе плаќа милиони за адвокати

објавено:


Апелациониот суд во Битола го затвори правосилно случајот „Јустиција“ во кој беа уапсени судии и судски службеници од Основниот суд Скопје 1, носејќи пресуда со која, дел од обвинетите ги ослободи од вина, а за дел обвиението е одбиебо поради застареност на кривичното гонење.

Со оваа пресуда на битолскиот суд, по повеќе од 4 години се затвори аферата најавувана како најголема во судството, каде што судиите и службениците дозволувале да застарат десетици предмети, а со тоа го оштетиле Буџетот за милионски суми.

Но, сега, по пресудата на битолска апелација, која ја потврди пресудата во голем дел, а ја преиначи во одбивателна поради застареност, државата ќе плати и илјадници евра за судски трошоци. За секој од дваесетината обвинети судии и судски службеници, адвокатите барале по речиси половина милион денари за судски трошоци, а Судот прифатил на секој адвокат за поединечен обвинет што го брани да му исплати сума од 4 до 5,5 илјади евра. Овие трошоци ќе паднат на товар на Буџетот на Република Македонија.

На пресудата со која беа ослободени судиите и судските службеници на одделот за прекршоци на скопскиот суд се жалел битолскиот обвинител, но судиите Ружица Ивановска, Анита Милошевска и Александар Камбовски оцениле дека жалбата на обвинителот е неоснована.

Во пресудата, напишана на 28 страници, која е објавена во текот на мај оваа година, судот прифаќа дека обвинителот не докажал разумно сомневање за сторено кривично дело кај ослободените, а кај тие што е одбиено обвинението застарело кривичното гонење.

Обвинител во предметот беше Јован Цветановски, сега Виш обвинител во Скопје, кој во текот на истрагата со неколку судии склучи спогодби, тие признаа вина и добија условни казни, но другите кои не се спогодија беа префрлени на судење во Битола, каде што во текот на месец мај Апелациониот суд ја донесе оваа пресуда.

Врз основа на таквата пресуда, Судскиот совет ги повлече суспензиите за две судијки кои не беа разрешени до сега и ги врати на работа. Па така, судијката Шпреса Гринца Османи се враќа на судење, а донесена е одлука и за продолжување на мандатот на Станка Везенковска, екс шефица на прекршоци, која по новиот закон за судови бара да работи до 67 години. Ова барање и е прифатено. Другите судијки на кои им се судеше, веќе исполниле услови за пензија или биле пензионерки кога ги апсеа.

Суфот определил трошоците за адвокати кои надминуваат 100.000 евра да паднат на товар на Буџетот.