Став

Помалку штета ќе има ако се укине СЈО, отколку да остане политички кастрирано по желба на СДС и ВМРО

објавено:


Ете, помина и последниот викенд од март, рокот во кој „странците“ ни порачаа да го донесеме законот за СЈО, како нов услов за нашето евроинтегрирање!

И, го донесовме ли? - НЕ! А, живи ли сме? - ДА! Значи не било страшно да се пробие уште еден диктиран рок, наметнат став за закон, за институција, која криво скроена и криво насадена може да се види само во Македонија и на ниту едно друго место во светот, не рачунајќи ги трибуналите за воени злосторства.

Затоа, ајде да не го ТУПИМЕ, што би рекол бегалецот од раката на СЈО, Никола Груевски, туку да го укинеме веднаш СЈО! Да, добро прочитавте, јас сум поборник за укинување на СЈО и тоа веднаш. Да сме на чисто, коментаров не е првоаприлска шега, а еве и зошто:

Во изминатиов период се изнаслушавме серија дневно политички саморекламирачки пораки од СДС и ВМРО ДПМНЕ на тема статус на СЈО и негово интегрирање во рамки на Јавното обвинителство на Македонија. но, за се е заслужна оваа Влада, предводена од Зоран Заев, која дојде на власт, благодарение на бомбите и СЈО, а сега, преку ноќ зготви закон, кој по скратена постапка дојде во Собранието.

На Заев и на министерката за правда Рената Дескоска толку им се брзало за овој закон, што него, замислете не го виде ни Советот за следење на реформите во судството, со кого претседаваат Заев и Дескоска. За Венецијанската комисија ич да не потсетувам! Нејзе ќе и го испрата кога нема да постои СЈО, за да видат што мислат европските правни мудреци!

Ајде што го испрати по скратена постапка, туку министерката за правда па и силна се правеше периодов, држејќи им лекции на ВМРО ДПМНЕ та и на Собранискиот спикер кој јавно и кажа каде и е местото и дека Парламентот е над неа. Податок што Рената, како „уставна експертка“ би требало да го научила кога била студент.

Но, истата силна Рената, која го бутка законот како да турка глава со ѕид, е истата таа „уставна експертка“ која во Пржино го договори законот, во кој, како што признава сега Заев, ставен е ТОЧНО, рок од 18 месеци за завршување на истрагите и поднесување на обвиненија, но затоа што така барал Груевски.

Значи, да поедноставам, министеркава, која се потпишала на крајно неуставна верзија на закон, сега не убедува дека со новиов закон СЈО без ограничување ќе може да ги води истрагите што не можел да ги води до сега, и така, таа ќе го покрие своето незнаење!

Но, работава е премногу сериозна за човек да се смее, ова е за плачење! Излегува дека професоркава на Правниов факултет, ај што не разбира ништо од правото, не сака да ги сфати ни правните последици што ќе настанат како резултат на правната несигурност што ќе ја предизвика со тоа решение! Па, малку ли ги толериравме криминалците кои се спасија од СЈО токму поради прифатениот рок од 18 месеци од Заев и Дескоска, па сега, со вакво решение да им исплатуваме и милионски штети, кои несомнено би ги добиле во Стразбур!

Веројатно учела министеркава дека поблагиот закон што важел тогаш се применува за обвинетиот, а ако не ја знае постапката и кривичното, можела да праша меѓу нејзините колеги од катедрата по кривично или барем да им го дала законот да го ѕирнат! На таа катедра е и кумата/кумашинката на Рената, која како врвен професор ќе и укажела на одредени небулози, за да не се брука во јавност! Како, онаа на пример, дека бомбите не се доказ. И тоа ставено во законов кој го регулира статусот на обвинителството! Чуле ли Дескоска и Заев за процесни и материјални закони и каде, во кој се уредува што се докази, како се прибавуваат и ценат?

А рековме демек министеркава е „уставен експерт“? А, законов изгледа ко да го пишувал некој земјоделец од крајот на Заев, нерассонет, рано од сабајле! И таков закон, без никаква јавна расправа, без консултации со научна и стручна јавност, само со туркање од амбасадата на САД и делегацијата на ЕУ сакаат да го донесат?

Не, вакво насилие не смее да се дозволи, вакво деградирање не смее да се дозволи, каде што законот е желба на СДС, а ВМРО сака да стане и негова желба! ДУИ веќе си ја исполни желбата, бомбите нема да бидат доказ, а штом нема доказ, нема дело!

И што имаме сега, силување на законот, негово секојдневно кастрирање и испорачување нарачки, чиниш џубокс е! И дали на вакви политички пазарења некој и натаму смета дека СЈО треба да опстои?

Не! И пак велам не! Укинете го СЈО, така ќе биде помала штетата отколку да гледаме како го кастрирате политички секојдневно како што ви одговара вас! И само Вас! Зашто, новото СЈО треба да ве гони Вас, криминалците од власта кои примате мито, ја злоупотребувате службената положба, градите палати од тендери, се луксузирате со скапи коли, шверцате цигари како оној од Ново село, другарот на Заев, и што уште не!

Дали затоа не ја вклучувате стручната и научна јавност, бидејќи не ги сметате за криминалци од висок ранг, па од таму не би биле заинтересирани да ги моделираат делата? Ако е така, може и сте во право што сами си го туркате процесов?

Ајде нешто и за предлозите во самиот закон: која небулоза е, СЈО да биде во рамки на ЈОРМ, со свој буџет, во време кога обвинителството кое гони организиран криминал нема пари за тонер и хартија, а ова да се луксузира со милионски буџет, кое само, без никого ќе го одредува, а за да гони некои градоначалничиња и министерчиња што украле од тендери?! А, овие што треба да гонат тероризам, дрога, оружје, нека пишуваат на табла со креда, затоа што немаат хартија!

Уставот е јасен, постапките пред судовите уште појасни, не може СЈО да биде обвинителство надвор од системот што ќе се застапува само пред Основниот и Апелациониот суд, а само во трета степен Републичкиот обвинител да настапува пред Врховниот суд!

И наместо да се развие дебата за стаусот и улогата на ново независно Јавно обвинителство, кое ќе биде ослободено од партиско политички стеги и нарачки, го имае Заев кој неколку пати повтори дека не ја давал Катица Јанева, за која, ако случајно не ја изберат и предвиделе утешно место во Републичкото обвинителство!

А, Катица како што сама тврдеше во серијата медиумски настапи сакала да биде пратеник или градоначалник на Гевгелија! Од тука, ете му одлична прилика на Заев, да ја земе во партија и наредната година на предвремените парламентарни нека и ја исполни желбата. Освен, ако не паднат заедно и порано, под услов ВМРО ДПМНЕ да се одважи и ако има докази за корупција, рекет и незаконско трошење пари во СЈО, ги извади во јавност, но не дозирано и на лажичка како сега, туку отворено и машки, по примерот на бомбите во 2015 година.

Да не заборавиме дека СЈО сериозно излезе од мандатот даден во законот 2008-2015 година и отвори истраги кои одеа до 2002 година, за што, во сериозни и правни држави, независно што се обвинители, би завршиле на обвинителна клупа.Законот за СЈО, иако тоа не му е вистинското име, не смее да биде донесен, а посебно не со изнудена поддршка од 80 пратеници бидејќи ќе направи ненадоместлива штета.

СЈО беше формирано како ад=хок тело и како такво треба да заврши. Друго е прашањето кој ќе ги доработува предметите. Ако и натаму се инсистира на посебно СЈО, што покажува Владата, а со тоа и туркачите од странските амбасадаи, дека во Македонија и натаму нема владеење на правото, дека нема Јавно обвинителство на кое може да му веруваме? Па, ако е така, барем нека кажат јавно, па да почнема нова улична револуција, во која секојдневно ќе бараме независно Јавно обвинителство!

И секако, партиите да престанат да го приватизираат и законот и СЈО, ВМРО да престане да и праќа амандмани на Дескоска на нејзиниот приватен меил, зашто, амандманската расправа не се тера во Правда, туку во Собрание! Да не мора Талат да ги учи и на таа процедура.

Затоа, до јуни има време, да се седне и да се осмисли независно Јавно обвинителство, да се стави клуч на СЈО, и да се престане со носењето на закони и измени секојдневно по желба на обвинетите од СЈО, чии прсти го прават мнзинството од 80 пратеници!

Фала ви, ама ослободете не е вашиот пазар и престанете со политичко силување на правото! Реков, СЈО без јајца, кастрирано е повеќе штетно од згаснато СЈО! Кога би ги презело редовното обвинителство предметите ќе нема испазарени рокови од 18 месеци, ќе нема одредба дека бомбите не се доказ...Тогаш, каков таков, барем за сите ќе важи ист КЗ и ЗКП. вака, излегува дека СЈО е само алатка во рацете на Заев и СДС, која не смее да продолжи понатаму да ја злоупотребуваат во бркање на двотретинско мнозинство на штета на владеење на правото и правната сигурност!

Со така измасакрарирано СЈО повеќе од јасно е дека ќе нема мир! Затоа што ќе нема правда!