Правни анализи

Вишото обвинителство губи предмети пред Врховен затоа што (не)намерно доцни со жалбите

објавено:


Врховниот суд на Република Македонија воопшто не се впуштил во разгледување на жалба на Вишото обвинителство од скопје, на ослободителна пресуд за случај со дрога на скопскиот апелациски суд, бидејќи утврдил дека жалбата не е испратена во рок од 15 дена, туку по месец и половина.

За вакво „незнаење“ секој обвинител би требало да биде разрешен, ако е незнаење,  доколку е намерно пропуштен рокот за да се заштити обвинетиот, тогаш предметот е зрел и за кривична одговорност.

ЈОРМ треба да утврди дали обвинителот од Велес или Вишиот обвинител од Скопје сноси вина за овој случај. Најстрашно е што обвинител од Јавното обвинителство на Македонија доставил предлог до Врховниот суд да се уважи жалбата на Вишиот обвинител, замижувајќи пред фактот дека рокот за жалба е утнат!

Во продолжение е решението на Врховниот суд.

 

ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од Претседателот на Судот Јово Вангеловски - претседател на советот и судиите: Шпенд Деваја, Ристо Катевеновски, д-р Џемали Саити и Рахилка Стојковска - членови на советот, со  виш судски соработник Маја Настева - записничар, одлучувајќи по жалбата на Вишото јавно обвинителство КОЖ.бр.824/2017 од 29.03.2018 година, против пресудата на Апелациониот  суд Скопје КЖ.бр.695/2017 од 27.12.2017 година, во кривичниот предмет оформен против Ѓорге Станков од Б., за кривично дело - “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик, по претходно прибавениот писмен  предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија КОЖ.бр.34/2018 од 11.06.2018 година, на седницата одржана на ден 14.11.2018 година, согласно член 439 во врска со член 432 од Законот за кривичната постапка (“Сл.весник на РМ“ бр.150/2010, бр.100/2012 и бр.142/2016), донесе:

                                                                 Р Е Ш Е Н И Е

Жалбата на Вишото јавно обвинителство КОЖ.бр.824/2017 од 29.03.2018 година, поднесена против пресудата на Апелациониот  суд Скопје КЖ.бр.695/2017 од 27.12.2017 година, СЕ ОТФРЛА КАКО НЕНАВРЕМЕНА.

                                                            О б р а з л о ж е н и е

Основниот суд Велес со пресуда К.бр.123/2017 од 05.06.2017 година, обвинетиот Ѓорге Станков од Б., го огласил виновен за кривично дело - “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик и го осудил на казна затвор во траење од 3-три години. Од обвинетиот е одземена марихуана во количина од 6,13 грама и две растенија канабис. Обвинетиот бил задолжен да плати судски паушал во износ од 8.000,00 денари. 

Апелациониот суд Скопје со пресуда КЖ.бр.695/2017 од 27.12.2017 година, обвинетиот Ѓорге Станков  Б., го ослободил од обвинение согласно член 403 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка, за кривично дело - “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик, бидејќи Јавниот обвинител не докажал надвор од разумно сомневање дека обвинетиот го сторил делото за кое се обвинува. Одлучил трошоците на постапката да паднат на товар на Буџетот на Република Македонија, а наркотичната дрога - марихуана во количина од 6,13 грама ја одзел. 

По правосилноста на пресудата, Вишото јавно обвинителство С. до Врховниот суд на Република Македонија поднесе жалба КОЖ.бр.824/2017 од 29.03.2018 година, против пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.695/2017 од 27.12.2017 година, поради сторена суштествена повреда на одредбите од Законот за кривичната постапка од член 414 став 1 точка 11 и поради погрешно утврдена фактичка состојба од член 417 став 1 од Законот за кривичната постапка. Предложи жалбата да се уважи, второстепената пресуда да се укине и предметот да се врати на повторно судење.

Овој суд постапувајќи согласно член 421 од Законот за кривичната постапка, жалбата на Вишото јавно обвинителство С. и другите списи кон предметот ги достави до Јавниот обвинител на Република Македонија, кој со навремен писмен предлог КОЖ.бр.34/2018 од 11.06.2018 година, предложи жалбата да се уважи.

Врховниот суд на Република Македонија откако ја разгледа поднесената жалба и по извршениот увид во списите приложени кон предметот, а притоа имајќи го предвид писмениот предлог на Јавниот обвинител на Република Македонија, најде:

                                           Жалбата е ненавремена.

Согласно член 439 став 2 од Законот за кривичната постапка, за жалба против второстепената пресуда, решава судот од трет степен на седница на советот согласно одредбите што важат за постапката од втор степен. Пред овој суд не може да се одржи расправа.

Согласно член 410 од истиот закон, против пресудата донесена во прв степен, овластените лица можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот од пресудата.

Согласно пак, членот 432 од истиот закон, жалбата ќе се отфрли со решение како ненавремена, ако се утврди дека не е поднесена во законскиот рок.

Врховниот суд на Република Македонија по увидот во списите на предметот, утврди дека во конкретниот случај не се исполнети законските претпоставки за поднесување на жалба против пресудата на второстепениот суд. Имено, од увидот во списите по предметот, овој суд констатира дека Основното јавно обвинителство Велес, пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ.бр.695/2017 од 27.12.2017 година ја примил на ден 09.02.2018 година, што е видно од доставницата на Основниот суд Велес, а жалбата на Вишото јавно обвинителство С. е доставена до судот на 29.03.2018 година, што е видно од приемниот печат на судот. Со оглед на тоа што жалбата против второстепената пресуда е поднесена по истекот на законски предвидениот рок од 15 дена, од кога Јавното обвинителство ја примило првостепената пресуда, во тој случај истата е ненавремена.

Како во конкретниот случај поднесената жалба е ненавремена, следуваше да се одлучи како во изреката на решението, во смисла на член 432 во врска со член 439 од Законот за кривичната постапка (“Сл.весник на РМ“ бр.150/2010, бр.100/2012 и бр.142/2016).

Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден

14.11.2018 година под Вкж2.бр.20/2018.