Свет

Романските социјалдемократи ја разрешија Лаура Ковеши, обвинителката што гонеше корупција

објавено:


Романскиот претседател Клаус Јоханис денеска потпиша указ за разрешување од функцијата на главната обвинителка против корупцијата, Лаура Кодруца Ковеши по решение на Уставниот суд од мај оваа година.

– Одлуките на Уставниот суд треба да бидат почитувани во држава, која го почитува владеењето на правото. Претседателот издаде указ за отстранување на главниот обвинител од функцијата, изјави портпаролката на претседателот Мадалина Доброволски.

Министерот за правда, Тудорел Тодер, побара отстранување на Ковеши во февруари, велејќи дека ги надминала нејзините овластувања и го оштетила имиџот на земјата во странство. Неговото барање собра илјадници демонстранти на улиците, кои го кренаа гласот против корупцијата.

Ковеши на денешната прес-конференцијата рече дека во моментов нема политичка волја за независно правосудство. Доегашната обвинителка Ковеши им порача на граѓаните дека корупцијата може да биде поразена.

-Корупцијата може да биде поразена, не се откажувајте, изјави таа на прес-конференцијата.

На инцијатива на министерот за правда Тудорел Тоадер беше покрената процедура за разрешување на Ковеши, жената чија што одлучна борба против корупцијата, на Романија и донесе многу пофалби во Европа и во светот. Според Тоадер, Ковеши со своите антикорупциски акции, го нарушила имиџот на Романија во светот.

Во годишниот извештај што таа го презентираше во февруари годинава, Ковеши кажа дека во 2017 година пред Суд биле  изведени 1.000 функционери под обвинение за корупција. Помеѓу нив има тројца министри, шест пратеници и поранешен претседател на Парламентот. Исто така, таа наведе дека директоратот кривично гонел 713 функционери, вклучувајќи и 28 градоначалници, 38 директори на јавни институции и еден сенатор.

-Сепак, корупцијата во Романија е и понатаму голема, на пример некои директори на болници земале милиони евра мито, а злоупотребите на ЕУ фондовите биле двојно зголемени, рече Ковеши.

Европската комисија и САД реагираа за отстранувањето на главниот обвинител на Националната дирекција за борба со корупцијата во Романија Лаура Кодруца Ковеши, потенцирајќи дека државата треба да продолжи да се бори против корупцијата.


Европската комисија ја предупреди денеска Романија дека ако резултатите од борбата со корупција во државата се влошат по отстранувањето од раководната позиција во Националната дирекција за борба со корупцијата Лаура Кодруца Ковеши, тоа ќе биде земено предвид.

– Не коментираме за решенија поврзани со националните судски системи. Во неколку наврати забележавме колку е важно судскиот систем во Романија да биде независен, за да има моќ да се бори против корупцијата, додаде портпаролот.

Американската амбасада во Букурешт реагира на одлуката за отстранување на главниот обвинител на НДБК Ковеши, потенцирајќи дека Романија мора да продолжи со борбата против корупцијата.
– Амбасадата на САД ја потврдува посветеноста да ја поддржи борбата против корупцијата. Романија е регионален модел во однос на антикорупциската борба. Ја повикуваме Романија да ги задржи и да ги поддржи своите силни институции за борба против корупцијата, изјавија од Амбасадата.

Но борбата на Ковеши очигледно не и се допадна на социјал-демократската власт во Букурешт. Новото раководство на Социјалдемократската партија со месеци се обидува да ја разреши Ковеши која обвини а потоа беа осудени и неколку видни членови на оваа партија, вклучувајќи го и поранешниот партиски лидер за изборни нерегуларности. Владеачката партија  ја обвинува  дека како шеф на Специјалното јавно обвинителство (ДНА),  води случаи кои биле политички мотивирани.

Претседателот Јоханис изјави тогаш дека нема да ја смени шефицата на антикорупциското тело, како што побара Владата, но по одлуката на Уставниот суд мораше да го потпише указот бидејќи спротивното би било кршење на Уставот. Специјалното јавно обвинителство беше формирано во 2006 година како еден од условите од Брисел за влез на Романија во Европската Унија.