Судски архив

Специјалното обвинителство низ датуми во 2015

објавено:


15 септември 2015 година

Собранието ја избра Катица Јанева, основен јавен обвинител од Гевгелија за Специјален јавен обвинител. За изборот на Јанева согласност дадоа четирите најголеми политички партии. За да го запазат политички договорениот датум за избор, во Црна Гора беше испратен владин авион кој го однесе на потпис указот за прогасување на законот за специјалниот јавен обвинител кај Претседтелот Ѓорѓе Иванов.

-Септември 2015 година: Катица Јанева добива привремена канцеларија во Министерството за правда. Министерството требаше во рок од 3 дена да и обезбеди канцеларија, а соодветни простории Владината служба за општи и заеднички работи. Понудените владини простории не беа прифатени од страна на Јанева. Сега, обвинителите се сместени во простории во близина на студентскиот центар „Кузман“, а во тек се реновирање на просториите во кои треба да биде сместено специјалното обвинителство, на улицата Рузвелтова (поранешна Агенција за спорт и млади)

-Октомври 2015 година: Јанева предложи тим од 15 обвинители. Советот на јавни обвинители избра само половина од нив, оценувајќи дека се доволни според првичниот обем за работа по предметите. Катица Јанева ги повика новоизбраните обвинители да не даваат заклетва се додека не бидат избрани сите предложени кандидати. Советот на јавни обвинители упорно тврдеше дека нема да избира нови обвинители. По серија политички и дипломатски притисоци, Советот на јавни обвинители на седница свикана итно, попладне ги избира останатите обвинители, откако Јанева се откажува од двајца од предвидените 15 обвинители.

-Октомври 2015 година: Јавните обвинители даваат заклетва и преминуваат на работа во специјалното. Поднесуваат барање до редовните обвинителства колку предмети има поврзано со прислушувањето кај нив. Добиваат листи, а по неколку дена бараат 5-6 предмети во работа за да оценат дали се надлежни. Но, наместо само бараните, ги добиваат сите предмети со докази на куп. Имаат краток рок да се изјаснат дали се надлежни и 18 месеци рок за завршување на истрагите.

26 ноември 2015 СЈО известува дека извршена е анализа на доставените податоци од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија и изготвен е план за динамика на барање на предметите. Во планот е утврдена временската рамка во која ќе бидат упатувани барања за доставување на предметите во ова Обвинителство, која не надминува 15 дена помеѓшу две упатени барања. Планот воедно опфаќа и листа на предмети кои ќе бидат побарани. При одлучување околу фактот кои предмети првично ќе бидат побарани од обвинителствата земена е предвид итноста на предметите, фазата во која предметите се наоѓаат предметите, како и обемноста на истите.

Новите работни простории можат да се користат и за сослушување на сведоци и осомничени лица, а воедно организацијата и пристапот до истите овозможува и зачувување на идентитетот на лицата кои ќе бидат повикани на разговор во обвинителството, како и лицата кои поседуваат релевантни информации, а инсистираат на зачувување на нивниот идентитет. Тука би сакале да укажеме дека целта на обвинителството е спроведување на независни истраги во рамки на кои ќе бидат заштитени и гарантирани правата на сите учесници во постапката, како од аспект на нивна безбедност, така и од аспект на обезбедување на сите процесни права.

Согласно Законот за кривична постапка предистражната постапка е тајна и сите информации кои би биле од значење за успешно водење на постапката нема да бидат соопштувани. Ова може да подразбира и несоопштување на фактот против кого се отворени предистражни постапки и под кои сомненија, а врз основа на анализата на незаконски прислушкуваните материјали. Секако, првичниот момент кога ќе бидат обезбедени доказите и кога ќе се создадат услови за информирање на јавноста, доследно почитувајќи го начелото на транспарентност јавноста ќе биде благовремено известена.

Воопшто нема да бидат соопштувани податоци дали одредени лица побарале статус на заштитени сведоци, од причина што, имајќи ја предвид јавната покриеност на настаните кои ова Јавно обвинителство ги разгледува, постои опасност од обесхрабрување на ваквите лица да пристапат кон ова Јавно обвинитлество и да помогнат во истрагите.

 

30 ноември 2015- Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите изразува загриженост за одолговлекувањето на процесот на носење на Законот за јавнообвинителска служба, кој е неопходен за работата на ова Јавно обвинителство. Ова од причина што со него се уредува начинот на вработување и статусот на стручниот, истражителски и административен кадар во ова Јавно обвинителство. Без овој закон функционирањето на ова Јавно обвинителство ќе биде значително отежнато од причина што стручниот, истражниот и административниот кадар имаат значајна улога за непречено извршување на работите и се подеднакво неопходни како и јавните обвинители. Апелираме до надлежните институции ургентно да пристапат кон носење на Законот, со укажување дека во интерес на целата јавност е овозможување на непречени услови за работа на ова Јавно обвинителство.

-Секој кој поседува материјали од незаконско следење на комуникации е должен да ни ги предаде материјалите, согласно со закон. И покрај фактот што во јавноста беа објавени информации дека одредени физички и правни лица, како и државни органи поседуваат материјали од незаконското следење на комуникации, сепак единствено од страна на политичката партија СДСМ доставено е писмено известување во кое е изразена подготвеност за достава на материјалите кои ги поседуваат, а кои потекнуваат од незаконското следење на комуникациите.

Апелираме до сите кои поседуваат вакви материјали да достават известување до ова Јавно обвинителство, како ние, постапувајќи согласно Законот за кривична постапка, би можеле да ги прибавиме материјалите.

 

-Ноември/Декември 2015 година: Специјалното обвинителство предложи закон за јавнообвинителска служба откако Владата не подготвуваше таков закон. Истиот на предлог на опозицијата влезе во собранието, но беше одбиен. На предлог на Владата, на 30 декември по итна постапка беше донесен законот во кој е дефинирано дека вработувањата во Специјалното обвинителство ќе бидат на одредено време или со преземање, за што мора да има согласност и од сегашниот работодавач.

04.12.2015 Изјава Ленче Ристевска –портпарол на СЈО: Од наша страна до Министерството за внатрешни работи и Министерството за финансии, Управата за финансиска полиција доставени се наредби во смисла на одредбите од Законот за кривична постапка со кои бараме одредени службени лица да бидат доделени за работа во ова Јавно обвинителство како истражители. Со оглед дека наредбите беа доставени во текот на оваа недела, очекуваме наредната недела истражителите кои се побарани да бидат доделени на ова обвинителство и да станат дел од нашиот тим. Од страна на Основното јавно обвинителство Битола доставен е предметот кој го баравме.

Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по нашето барање, ни ги доставија сите предмети кои беа оформени пред овие обвинителства и кои беа опфатени во статистичкиот преглед на податоци. Воедно доставен е и предметот познат во јавноста како „Пуч“.

Ја известуваме јавноста дека ние постапувајќи согласно Законот за кривична постапка ги примивме сите доставени предмети, иако мораме да укажеме дека таквото постапување на овие обвинителства е надвор од доставеното барање и со него се нарушува динамиката и планот на работа на ова Јавно обвинителство. Сепак, ја уверуваме јавноста дека одлуката за тоа дали врз сите предмети ќе биде воспоставен стварна надлежност на ова Јавно обвинителство и врз кои предмети ќе биде воспоставена стварна надлежност ќе биде донесена во предвидениот законски рок од 8 дена.

 

-Донесени се првите одлуки за воспоставување на стварна надлежност на СЈО врз предметите на Основното јавно обвинителство Скопје, кои се однесуваат на изборните нерегуларности.

Во изминатиот период правени се анализи на доставените статистички податоци од Јавното обвинителство на Република Македонија, како и анализи на јавно објавените материјали од незаконското следење на комуникациите. Овие анализи покажаа основано сомнение дека се работи за предмети кои се во надлежност на ова јавно обвинителство, што се потврди од увидот во списите на предметите.

Од овој момент единствено надлежни за постапување по предмети поврзани со изборните нерегуларности за изминатиот период, а кои се поврзани и произлегуваат од незаконски следените комуникации сме токму ние, односно Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. До сите државни органи и иматели на докази ќе бидат доставени барања за доставување на докази поврзани со изборните нерегуларности.

 

-21 декември 2015 година: Специјалното јавно обвинителство го презеде предметот „Пуч“ но не дојде на судење. Со писмо беше известена судијката дека им треба дополнително време за проучување на предметот. Судењето се одложи, а дополнително обвинителката Јанева на Фејсбук се огласи за недоаѓањето во суд: „потребно е целосно да бидеме запознаени со содржината на доказите кои се доставени до Судот, а кои не се содржани во обвинителскиот предмет што ни беше доставен“.

25 декември 2015 година -Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуиникациите известува дека се спроведени се тендерски постапки и во тек е преземањето на градежни активности за адаптација на просториите на „Рузвелтова“.

-Декември 2015 - Во тек е постапка за добивање на безбедносни сертификати за јавните обвинители, при што на дел од обвинителите веќе им се издадени сертификати за работа со класифицирани информации со степен на класификација „Државна тајна“.

-Декември 2015 -СЈО очекува материјалите од прислушувањето да бидат предадени од страна на СДСМ и сите субјекти да започнат активно да соработуваат со ова Јавно обвинителство. Соработката со субјектите до кои се обраќаме, без оглед за кого станува збор, е отежната и во оваа насока наш конкретен став за ваквата отежната соработка и мерките кои ќе бидат преземени од наша страна, ќе биде соопштен во средината на јануари.

-Крај на декември – СДСМ ги предава прислушуваните материјали, откако биле создадени услови за нивно чување. Обвинителството купило метални каси, сефови за чување на материјалите.

-Декември 2015: СЈО известува дека во тек се повеќе предистражни постапки по предметите за кои е воспоставена стварна надлежност и постои известен напредок во истите, но не соопштуваат детали во интерес на истрагата.

-Декември 2015 : СЈО бара да не му се лепат етикети и ставање на ова обвинителство во функција на реализација на различни политички и други цели, бидејќи најважно во овој момент е спроведување на независни и професионални истраги, во рамки на кои доследно ќе се почитуваат начелата на тајност на предистражната постапка, објективност и легалитет во постапувањето.

-Декември 2015: СЈО Катица Јанева алармира дека им се врши финансиски упад со што се загрозува нивната независност: Ова Јавно обвинителство ги подржува сите законски измени со кои се унапредува статусот на јавните обвинители во Република Македонија и нивната независност, бидејќи вакво нешто е во интерес на сите граѓани на Република Македонија. Сепак, би сакала да укажам дека со одредбата во предложениот Закон за плати на јавните обвинители, која го овластува Јавниот обвинител на Република Македонија, по претходна согласност од Министерот за финансии, да одлучува за додатоците на јавните обвинители во ова Јавно обвинителство, се кршат воспоставените принципи на автономност и финансиска независност на ова Јавно обвинителство.

Воедно, принципот на автономност подразбира мое автономно постапување како Специјален јавен обвинител и исклучено е секакво влијание во работата од страна на Јавниот обвинител на Република Македонија. Оттука очекувам во предложениот Закон за плати на јавните обвинители да биде изоставено ова Јавно обвинителство.


објавено на од Стамен од Шталковица
Не се давај Катице!